Премиерот Христијан Мицкоски денеска по средбата со Македонската банкарска асоцијација (МБА) изјави дека се приближуваат ставовите околу условите за користење на 250-те милиони евра од унгарскиот заем, особено во делот на каматната стапка.
– Во однос на каматата, ќе се преговара уште оваа недела, а очекувам дека до крајот на следната недела ќе имаме конечен став. Целта е каматната стапка што ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие поевтини кредити – истакна Мицкоски.
Според премиерот, договорот за заемот е направен под поволни услови – каматна стапка од 3,25 проценти, тригодишен грејс период и рок за отплата од 12 години. Половината од средствата се наменети за бизнис секторот, додека другата половина ќе се користи за капитални проекти на општините.
– Нашата обврска како Влада е да ја платиме каматата. Сепак, размислуваме и за други механизми, како издавање еврообврзница за предвремено враќање на кредитот, доколку тоа биде во интерес на државата – додаде премиерот.
Мицкоски објасни дека банките имаат флексибилност во однос на рочноста и отплатата на заемите.
– Клиентите можат да изберат рок од пет, седум или десет години, со формулацијата до три години грејс период и до 15 години рок на отплата. Ова овозможува поголема адаптација на финансиските услови според потребите на корисниците – посочи тој.
Унгарскиот заем од 500 милиони евра беше договорен на Самитот на НАТО во Вашингтон, помеѓу премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Законот за заемот беше донесен во Собранието на 17 септември, а договорот беше официјално потпишан на 8 октомври во Будимпешта од министерката за финансии.