
Дипломатите од земјите на Европската унија почувствуваа одредено олеснување кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за свој државен секретар го избра Марко Рубио, но тоа не траеше долго, пишува Politico.

Следните избори на Трамп, помалку познатиот водител на телевизиската мрежа Fox News, Пит Хегсет за министер за одбрана и поранешната демократска конгресменка и критичар на претседателската администрација на демократот Џо Бајден, Тулси Габард за директорка на националната разузнавачка заедница – ги вратија стравувањата дека Европа, во прв ред Европската унија, можеби би требало да се подготвува за најлошото и да биде подготвена да дејствува без својот традиционален сојузник во НАТО.
Габард, којашто е обвинувана за наводно ширење на теории за заговор, средбата со сирискиот претседател Башар ал-Асад кого Западот настојуваше да го собори во продолжението од ткн Арапска пролет започната во 2011 година, како и за поддржување на рускиот претседател Владимир Путин, се смета во Брисел за „неверојатен избор“.
„Ова е навистина застрашувачко“, објави на Х Натали Лоасо, поранешна француска министерка за Европа, а сега европратеничка од либералната групација Renew Europe.
„Времето на европската воздржаност и надежите дека САД ќе нѐ заштитат е минато“, вели Мари-Ањес Штрак-Цимерман, Германка којашто ја предводи Поткомисијата за безбедност и одбрана на Европскиот парламент.
Марек Магиеровски, поранешен полски амбасадор во Вашингтон, остро зборуваше за Габард и нејзините претходни „проруски“ изјави. Три дена по руската инвазија во Украина кон крајот на февруари 2022 година, вели дека Габар ги повика челниците на Русија, Украина и САД да го „загрлат духот на алоха“ и да се договорат Украина да стане независна земја.
„Имајќи предвид дека таа станува шефица на целата американска разузнавачка заедница, ова е сигурно многу вознемирувачки“, изјави Магиеровски на полската телевизија.
Рани надежи
Кога на почетокот од седмицата името на Марко Рубио првпат се појави како избор на Трамп за шеф на американската дипломатија, првата реакција меѓу дипломатите, стручњаците и функционери во Европа, Велика Британија и Израел беше претпазливо оптимистичка, забележувајќи дека тој е искусен надворешнополитички експерт кој го поддржува НАТО, остар кон Иран и дека сакал да го брани Тајван од Кина.
Мајк Волц, поранешен специјалец „зелена беретка“ во американската армија, кој е номиниран за советник за националната безбедност, пак, се смета во Европа за сигурен избори.
Надворешнополитичкиот аналитичар Урлих Шпек го дефинира неговиот избор како „големо олеснување“.
„Малку помалку се ужасни од другите“, рекол, пак, дипломат од земја од ЕУ кому Politico му ја гарантирал анонимноста за да може слободно да зборува.

Меѓутоа, откако беа номинирани Габард и Хегсет, започна вистинската збунетост во Европа.
„Не сум сигурен дали воопшто е возможно да се дадат какви и да се разумни превидувања за насоката на оваа администрација“ во САД, рекол друг европски дипломат кој исто така барал анонимност.
Двајцата сметаат дека со ваквиот избори Трамп никого нема да ограничува. „Она што е јасно е дека нема да има никаква противтежа на Трамп. Сите му должат“, рекол првиот европски дипломат кој зборувал за Politico.
Имајќи го предвид ризикот од булдожерската надворешна политика на Трамп, трет дипломат од ЕУ рекол дека блокот мора да се подготви за преземање поголем товар во војната во Украина.
„Од првиот претседателски мандат на Трамп знаеме колку политиката може да биде непредвидлива. Дури и овие два господа (Рубио и Волц) да зазема поумерен пристап во однос на Украина, тоа не е ослободува Европската унија од должноста да се подготви да преземе повеќе“ обврски, додал дипломатот за Politico, исто така, зборувајќи под услов да остане анонимен.
Украинските функционери се воздржувале од какви и да се коментари во страв да е го разлутат Трамп.
Сериозен државен секретар
Од изборите на Трамп за надворешнополитички и безбедносните политики, Рубио е далеку најпознат меѓу сојузниците. Во изминатите пет години двапати ја посети Европа – во 2017 година беше во посета на Германија и Франција и повторни во 2020 година во Чешка, Романија, Турција и Велика Британија.

Том Тугендхат (Томас Георг Џон Тугендхат), британски конзервативен пратеник и поранешен министер кој вели дека го познава Рубио веќе цела деценија, го пофалил како „сериозна личност“ која беше „јасен глас“ за темите како што е Кина.
„Тој е некој што многу долго вложуваше во многу односи ширум светот и се покажа како сериозен играч“, вели Тугендхат додавајќи дека Волц е „сериозен човек“.
Аналитичарите го повторуваат мислењето дека Рубио и Волц ќе го засилат притисокот врз Европската унија за да се зголеми потрошувачката за одбраната, меѓутоа дека во крајна сметка ќе ги задржат претходните обврски на Вашингтон кон Украина и Тајван.
Притоа се потсетува дека Рубио претпазливо ги коментираше изјавите на Трамп во врска со НАТО. Претходно запрашан за сугестијата на Трамп од првиот негов претседателски мандат дека ќе ја „охрабри“ Русија да ја нападне секоја европска членка на НАТО којашто нема да ги исполни финансиските обврски кон Алијансата, Рубио го ублажи значењето на таквите изјави.
„Тоа не се случи и јас така не гледам на таа изјава“, одговори Рубио за телевизијата CNN.
Стравувања поради Габард
Многу помал е оптимизам на европските дипломати во однос на изборот на Габард, офицер на американската армија учесничка во инвазијата на Ирак.

„Ова е сериозно лошо. Се надевам дека Сенатот ќе го блокира нејзиното потврдува – но не очекувам дека тоа ќе се случи“, објави на Х Франсоа Еисбур, виш советник за Европа при Меѓународниот институт за стратешки студии.
„Нѐ очекуваат неколку многу, многу тешки години во трансатлантските односи“ оценува Еисбур.
Отпуштениот своевремено неоконзервативниот јастреб Џон Болтон, советник за национална безбедност на Трамп во периодот од април 2018 до септември 2019 година, уште во октомври предупреди дека надворешнополитичкиот став на новоизбраниот претседател веројатно ќе биде многу порадикален во вториот мандат, додавајќи дека „веројатност дека ќе се повлече од НАТО е многу висока“.