Дали Доналд Трамп ќе ја уништи американската демократија? Триумфот на Трамп се заканува на веќе уништената демократија. Дали Трамп ја оштети американската демократија? Демократијата излезе од колосек: Триумфот на Трамп сигнализира мрачна нова ера. Демократија без Америка? Ова се само дел од насловите по победата на Трамп на американските претседателски избори оваа есен. Самопрогласените неолиберални чувари на демократијата сериозно се загрижени дали Соединетите Држави ќе останат либерална демократија или нивните институции постепено ќе се еродираат до непрепознатливост? И, секако, однапред знаат дека вториот мандат на Трамп ќе ја стави американската демократија на сериозен тест.
До неодамна мислев, барем така ме учеа, дека демократијата е систем во кој граѓаните колективно одлучуваат од кого и, до одреден степен, како ќе управуваат. Оваа карактеристика е дефинитивна: режимот е демократски ако и само ако луѓето се слободни да избираат, вклучително и да отстрануваат влади. Одеднаш гледам дека волјата на граѓаните е важна се’ додека не се коси со неолибералниот концепт на однапред „октроираните“ демократски лидери. Спротивно, гласачите избираат авторитарни лидери од инструментални причини, а со нив го добиваат багажот на одмазда, заплашување и страст за моќ што ги придружува политичките ветувања на нивните кандидати. Неолибералите не се никако за моќ – тие се секогаш за народот. Секако, во нивната первертирана реалност.
Ќе поминат месеци пред да завршат постизборните аутопсии, но првичните знаци укажуваат на успехот на Трамп во создавањето коалиција на незадоволни луѓе кои сакаат едноставно да ги исфрлат неолибералните чувари на демократијата од самата демократија. Трамп ја поништи идејата на неолибералите дека тој е закана за демократијата. Очигледно дека неолиберализмот не е така лесно да го поразиш, иако се повеќе трпи удари во Европа и последниот во САД. Неолиберализмот во својот развој претрпе сериозни трансформации, што денес го прават особено опасен за демократијата. Токму оваа закана за демократијата е клучот за разбирање на издржливоста на неолиберализмот: неговиот капацитет да издржи кризи и ривалски системи не е толку последица на трајната привлечност на слободните пазари и економската конкуренција. Наместо тоа, неолиберализмот преживеа со менување на самите основи на нашите демократски институции и организации. Ова вклучува зголемување на моќта на извршната власт за заобиколување на повеќе репрезентативни парламенти, институционализирање на неизбраните играчи со вето способни да ги поништат одлуките на мнозинството и многу повеќе. Најуспешните од овие тактики беа оние кои влијаат на обрасците на политичко претставување, како што се изборниот инженеринг и моделирање на демократскиот процес согласно желбите на политичките елити. Предолго неолиберализмот беше способен да заведува, убедува и на крајот да преовладува над ривалските политички идеи. Не повеќе, особено не по победата на Трамп во САД.
За некого можеби изгледа како фарса што зад неолибералните идеи во Македонија некритички застанаа бившите первертирани комунисти – либерали со историски печат на тоталитаризам. Доволно е да се каже дека истиот бизарен коктел на историска неопходност и волунтаризам делува и во двата системи. Со оглед на непријателскиот однос на неолиберализмот со основните демократски институции, не е тешко да се разбере изборниот афинитет помеѓу неолиберализмот и денешната неокомунистичка номенклатура во Македонија. Затоа тие беа во првите редови на шарената револуција урлајќи против „режимот“ на тогашната (не)демократска власт, заборавајќи на своето политичко наследство. Денес, пак, здушно плачат над судбината на демократијата во Америка по победата на Трамп. И, секако, над својата кога не победуваат на изборите во Македонија. Карикатурално е како нивните политички лидери се претставуваа пред светската јавност како неолиберални визионери подготвени да се соочат со најголемите планетарни предизвици, а единствено беа добри во правење ајвар и корнишони. Можеби затоа нив се’ им личи, како што тврдеше еден новинар: од корупција, лоповлук, до продавање на државата. А, беа и останаа само слуги на големиот неолиберален антидемократски проект чија цел беше и остана да се намали моќта на македонската држава, преку попречување на основните демократски слободи и институции, како и нејзино идентитетско обезличување.
Изборите во САД колку што беа важни за иднината на демократијата во таа држава, исто така беа важни за идното обликување на глобалните демократски перспективи во светот. Па, ако сакате, и за демократските перспективи на Македонија. Новата власт изгледа како да го има вистинскиот приклучок кон патот по кој ќе се движи светот во иднина. Останува да видиме како ќе одигра и дали ќе успее да ја врати државата на вистинскиот коридор, кој така лесно беше напуштен од претходната власт. Денес гледаме дека на народот му е доста од автократи скриени зад демократската фасада на неолиберализмот, која по победата на Трамп полека почна да паѓа.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес