Граѓаните спас од загадениот воздух бараат кај народниот правобранител

Граѓаните спас од загадениот воздух бараат и кај омбудсманот. Од 40 претставки кои пристигнале на адресата на Народниот правобранител од областа на животната средина, дури половина од нив се за загадениот воздух.

Министерот за животна средина вели дека мора да се започне со решавање на овој проблем, првенствено со гасификација на урбаните средини. Еколошките организации пак се децидни дека мора да се сменат навиките на населението за начинот на греење на домовите, како и навиките за готвење за подобрување на ситуацијата со воздухот во Македонија.

Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери кој денеска и утре е домаќин на Меѓународна конференција „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“ која се организира во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“. Проектот е финансиран од Министерство за надворешни работи на Норвешка и се спроведува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје.

На отворањето на конференцијата Зибери ги наведе трајните штетни последици од загадувањето на животната средина врз животот и здравјето на населението, поврзаноста на загадениот воздух со смртноста и предизвиците со кои човештвото се соочува во последните децении кога „природата жестоко го враќа ударот“ – зачестените природни непогоди: поплави, торнада и урагани, ефектите на т.н. стаклена градина, екстремните температури… Притоа посочи дека токму најголемите загадувачи на светот не ги потпишале глобалните документи за заштита на екологијата.

Омбудсманот порача дека мора да се најде баланс меѓу развојот и еколошката правда која, рече, е императив во овој век, затоа што „ако не се преземат соодветни мерки за климатските промени, тие ќе значат колективно умирање“.

Зибери изрази загриженост за состојбата со животната средина во земјава која „не оди во прилог на уставната заложба за гарантирање на правото на здрава животна средина утврдена во членот 43 од Уставот“.