Вишото јавно обвинителство во Нови Сад во четвртокот соопшти дека 11 лица се уапсени за уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, пред три седмици кога загинаа 15 лица а две се тешко повредени, јавуваат локалните медиуми.
Уапсените се осомничени за повеќе кривични дела предизвикување јавна опасност, тешки кривични дела против општата безбедност и неправилни градежни работи. За овие дела е пропишана затворска казна од две до 12 години.
Од обвинителството соопштија дека лицата се приведени по прибирање и детална анализа на целата потребна документација, разговори со поголем број граѓани, а по извршено вештачење за утврдување на причините и околностите под кои паднала настрешницата, а по запознавање со наодите и мислењата на градежните стручњаци.
Во четвртокот наутро, трет ден по ред, претставници на опозицијата повторно нејасно зошто го блокираа влезот на зградата во која се сместени судот и обвинителството во Нови Сад. Повторно беше поставен полициски кордон пред зградата на судот, кој е двојно поголем од претходниот ден, според медиумските извештаи.
Опозициските политичари формираа човечки синџир пред кордонот и се држеа за рака и најавија дека ќе останат пред зградата до крајот на работното време.
И во четвртокот имаше препукување на пратениците од опозицијата и полицијата, па дел од пратениците паднаа по скали, а една полицајска палка испадна. Полицајците со штитовите ги потиснуваа пратениците.
„Тепаше некого и му испадна палката“, изјави Јанко Веселиновиќ, претседател на Движењето за пресврт и додаде дека има повреди, бидејќи луѓето паднале по скали.
Тие бараат апсење на одговорните за трагедијата во која загинаа 15 лица кога врз нив се урна тешка армирано-бетонска настрешница на 1 ноември од неодамна реновираната зграда на Железничката станица во Нови Сад.
Тие бараат и ослободување на демонстрантите кои беа уапсени по масовните протести во Нови Сад, на кои на 5 ноември учествуваа повеќе од 20.000 луѓе.
Истовремено во четвртокот утрото се огласи и Горан Весиќ по веста дека е уапсен со уште 10 лица поради падот на настрешницата во Нови Сад. Наведе „Не сум уапсен, доброволно одговорив на повикот на полицајците“.
„Не бев уапсен, доброволно се одзвав на повикот на полицајците со кои дојдов во Нови Сад и се ставив на располагање на истражните органи за целосно да се истражат сите околности кои довеле до несреќата во Нови Сад….“, рече тој.
Горан Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во владата на Србија пет дена по трагедијата во Нови Сад. Весиќ тогаш истакна дека поднел оставка како одговорен човек кој со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија има морална одговорност поради страшната трагедија што се случи во ресорот со кој раководи.