Тексас му нуди на Трамп земјиште на американско-мексиканската граница за потенцијални депортации

Тексас нуди парцела-ранч долж границата меѓу САД и Мексико за да се користи како место за потенцијални идни масовни депортации што би ги одобрил претседателот Доналд Трамп.
Имотот, првично купен од Тексас минатиот месец, се наоѓа во округот Стар на крајниот југ на државата. Републиканката Доун Бакингем, комесар за земјиште во Тексас, на 14 ноември испрати писмо до Трамп во кое ја потврдува понудата.

„Со нудење на овој имот од 1.400 хектари на администрацијата на Трамп за изградба на објект за обработка, задржување и координирање на она што ќе биде најголемата депортација на насилни криминалци во историјата на нашата нација, јас стојам обединета со претседателот Доналд Трамп за да се осигурам дека американските семејства се заштитени“, наведе таа.

Понудата е најнова илустрација за острата поделеност меѓу федералните, државните и локалните власти околу тоа дали да се поддржат или да се спротивстават на плановите на Трамп за масовна депортација на мигранти кои нелегално живеат во САД.

Во вторникот, Градскиот совет на Лос Анџелес гласаше за доделување статус на целиот град „прибежиште“, ограничувајќи ја соработката со федералните имиграциски власти во спроведувањето на депортацијата.