Поддржувачите на Македонија остануваат во Конгресот

Обединетата македонска дијаспора оценува дека на изборите за Конгресот на САД, Македонија останала без еден од поддржувачите во Сенатот, но ќе добие неколку нови.

Сеанторот Марк Бегич од Аљаска, кој е Хрват по потекло, и кој беше активен поддржувач на македонското членство во НАТО, загуби на изборите. Од друга страна, во Сенатот ќе влезат двајца нови сенатори, кои ја поддржуваат Македонија на овој пат – републиканецот Том Котон од Арканзас и Гери Питерс од Мичиген. Котон, како конгресмен, беше потписник на отвореното писмо до државниот секретар Џон Кери за прием на Македонија во НАТО, додека Питерс поддржал повеќе вакви резолуции во текот на неговата кариера во Претставничкиот дом, а присуствуваше и на конвенцијата на Македонската православна црква во Детроит во 2013 година на која учествуваше и премиерот Никола Груевски.

Некои од сенаторите кои и досега биле активни во поддршка на проширувањето на НАТО, како републиканците Џејмс Инхоф од Оклахома, Џејмс Рич од Ајдахо и демократите Џин Шахин од Њу Хемпшир и Ал Френкен од Минесота, беа реизбрани на своите функции на изборите во вторникот. Според Обединетата македонска дијаспора, во Сенатот Македонија ќе може да продолжи да смета и на поддршката на сенатори како Марк Кирк од Илиноис, Пет Лихи од Вермонт, Џон Мекејн од Аризона, Крис Марфи од Конектикат и Марко Рубио од Флорида, за чии места не се гласаше на годинашниве избори.

Пребројувањето на гласовите се уште трае во трката за тоа кој ќе биде иден сенатор од Вирџинија, каде демократот Марк Ворнер тесно води пред републиканецот Ед Гилеспи. Преку својата лоби – компанија Гилеспи беше ангажиран како застапник на Македонија во Вашингтон, при што неговиот противкандидат, потсетува ОМД, дури сними и видео спот во кој го обвинува Гилеспи дека застапувал странски држави во САД, притоа користејќи го и знамето на Република Македонија.

Во Претставничкиот дом на Конгресот на САД, ОМД укажува дека од 21 член на групата за пријателство со Македонија, безмалку сите беа реизбрани.