Најголемата полска опозициска партија, националистичката Право и правда (PiS), го избра историчарот Карол Тадеуш Навроцки за свој кандидат за претседателските избори следната година, откако партијата ја загуби контролата над парламентот.
Пробриселската коалиција предводена од премиерот Доналд Туск го победи PiS на парламентарните избори минатата година, но левоцентристичката влада на Туск не успеа да ги изгласа големите реформи во мандатот на сојузникот на PiS, Анджеј Дуда на должност претседател.
Ситуацијата би можела да продолжи доколку кандидатот на PiS повторно победи.
Четириесет иедногодишниот Навроцки, шеф на Полскиот институт за национално сеќавање, беше клучна фигура во настојувањата на PiS во промоцијата на патриотизмот преку изучувањето на историја, за којашто критичарите велат дека ги „омекнале“ тешките периоди од минатото на Полска.
Во трката тој ќе се соочи со претседателскиот кандидат на Туск, ткн прогресивистички градоначалник на Варшава, Рафал Казимјеж Тшасковски.
Полските претседатели имаат право на вето на законите усвоени од парламентот.
„Мораме да ја браниме Полска, мора да ги браниме нашите вредности, не смееме да дозволиме да ни се одземат симболите и да ни се ограничи суверенитетот“, рече Навроцки за време на претставувањето на својата кандидатура во неделата.
Како директор на Музејот од Втората светска војна во крајбрежниот град Гдањск, Навроцки ја смени главната изложба за да го нагласи степенот на полското страдање и приказните за Полјаците кои ги штителе Евреите за време на Холокаустот, што резултираше со тужби против него од страна на основачите на музејот.
Опсежните истражувања покажуваат дека додека илјадници Полјаци ги ризикувале своите животи за да им помогнат на Евреите, илјадници учествувале и во Холокаустот. Многу Полјаци не прифаќаат такви заклучоци, пишува Reuters.