Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) се обидува да најде заеднички став за налогот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) минатата седмица, изјави во понеделникот италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
„Мораме да бидеме обединети околу тоа“, рече Тајани на почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7.
Соединетите држави, членка на Г7, ја отфрлија одлуката на МКС. Во Вашингтон, портпаролот на Советот за национална безбедност рече дека САД „фундаментално ја отфрлаат“ одлуката на судот за издавање налози за апсење на високи израелски функционери и разговараат за следните чекори.
„Остануваме длабоко загрижени поради брзањето на обвинителот да бара налози за апсење и вознемирувачките грешки во процесот што доведоа до оваа одлука“, рече портпаролот во изјавата.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека израелскиот премиер Нетанјаху би можел да биде уапсен доколку допатува во Германија.
„Германската влада го почитува законот, бидејќи никој не е над законот“, рече министерот на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Фиуџи, во Италија.
Во четвртокот, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на Нетанјаху и неодамна разрешениот израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за можни воени злосторства против човештвото во Газа, како и за водачот на Хамас, Ибрахим Ал-Масри. Во соопштението на својата веб-страница, МКС рече тие се товарат за воено злосторство гладување како метод на војување, заедно со злосторства против човештвото, кои вклучуваат убиства, прогон и други нехумани дејствија.
Израел не е членка на МКС. Судот не суди поединци во отсуство, така што Нетанјаху и Галант не се соочуваат со непосреден ризик од кривично гонење. Но, заканата од апсење би можела да создаде проблеми доколку кој и да е од нив патува во странство.
Израел ја осуди одлуката како срамна и апсурдна. Нетанјаху го осуди налогот за апсење на МКС. Во соопштението од неговата канцеларија се вели дека тоа е „антисемитска одлука“ и Израел „со гадење ги отфрла апсурдните и лажни акции“.