Судот на правдата на ЕУ: Бугарија не смее непотребно да зема ДНК и отпечатоци од прсти од осомничени лица

Бугарската полиција не смее непотребно да зема ДНК примероци и отпечатоци од прсти од сите лица осомничени за сторени кривични дела, пресуди Судот на правдата на Европската Унија.

Според Судот, за примена на ваквата пракса бугарското Министерство за внатрешни работи мора да докаже дека постои „апсолутна неопходност“ за земање биометриски податоци од осомничениот сторител на кривично дело.

Пресудата е донесена врз основа на жалба на судијата на Градскиот суд во Софија, Иво Хинов, поврзана со бугарска државјанка осомничена за даночни злоупотреби, која обвини дека полицијата „присилно и земала биометриски податоци“.

Бугарскиот Закон за земање биометриски податоци предвидува дека секој обвинет за „намерно кривично дело од општа природа“ мора да биде фотографиран и да му бидат земени отпечатоци од прстите и примероци од ДНК.

Уште пред околу година и половина, Судот на правдата на ЕУ оцени дека „бугарската полиција не може систематски да зема биометриски и генетски податоци“ од секое лице обвинето за извршено кривично дело, но Законот и натаму остана во сила.

Новата судска пресудата ја потврдува претходната одлука дека бугарскиот Закон не е во согласност со законодавството на ЕУ.

Согласно процедурите, Законот сепак ќе остане во сила и бугарската полиција ќе може да продолжи да зема биометриски податоци како и досега, се додека Народното собрание на Бугарија не донесе одлука за негово усогласување со пресудата на Судот на правдата на ЕУ.

Оваа не се единствени пресуди на европско ниво против Бугарија поврзани со прашања околу заштитата на личните податоци и правото на приватен и семеен живот. Европскиот суд за човекови права изрече две пресуди против Бугарија поради „недостиг на контрола врз надзорот на тајната полиција“ и поради снимање на телефонски разговори.