ВИДЕО| Арсовска го опструира решавањето на проблемот со приватните превозници

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, денеска изрази разочарување поради одложувањето на потпишувањето на заклучокот кој се однесува на исплатата на приватните автобуски превозници. Тој обвини дека администрацијата, веројатно по налог на градоначалникот Данела Арсовска, го опструира решавањето на проблемот.

– Иако како Претседател на Совет замолив Сектор за поддршка на Совет, кој е дел од градската администрација, да го подготви заклучокот и да го проследи до градоначалникот Арсовска во рок од половина час по завршувањето на седницата, тоа не беше направено. Не само што не беше завршено во рокот, туку по еден и половина час, сè уште не беше доставено. Очигледно, администрацијата се противи на решавањето на проблемот со приватните превозници – изјави Славески.

Тој нагласи дека Советот донесе заклучок со кој се задолжува градоначалникот Арсовска што побрзо да предложи измени и дополнувања на одлуката за исплата на приватните превозници, и тоа најдоцна до крајот на денешниот ден. Славески посочи дека ова продолжување на состојбата е неприфатливо за Советот и јавноста, бидејќи не само што ги загрозува интересите на приватните превозници, туку и создава дополнителен хаос во јавниот транспорт на Скопје.

– Останувам да го чекам актот во мојата канцеларија во Совет на град Скопје. Нема да дозволиме вакви опструкции да ги блокираат решавањето на клучните проблеми на нашите граѓани – заклучи Трајко Славески.

Иницијативата за зголемување на цената на услугите за приватните превозници, беше предложена од советникот Горан Арсов од ВМРО-НП. Според Арсов, за да се решат проблемите со недостигот на автобуси, потребно е да се вклучат приватни превозници на оние линии каде што ЈСП не обезбедува доволно возила.

– Исто така, во новите договори што ќе се склучат со приватните превозници во мај следната година, треба да се предвиди исклучување на автобуси со мотори Еуро 2, 3 и 4, поради високото ниво на загадување – истакна Арсов.

Советникот од СДСМ, Гордан Шутаров, истакна дека предложеното решение не е реално, бидејќи општините можат да носат ребаланс на буџетот само до 15 ноември.

Градоначалничката Арсовска од посочи дека цената се утврдува според критериуми и формула каде ќе бидат во предвид земени сите апсекти и истата не смее да се утврдува поинаку.

Во однос на оваа предлог-одлука, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, посочи дека е невозможно за толку кратко време да се направи пресметка во секторите. Таа посочи дека нема да понесе одговорност за одлука, како што рече, за која што смета дека е потребна многу подетална анализа за која што е потребно многу повеќе време.

– Она што го предлагате е малку паушално и никој тука во секторите и овие луѓе, кои што ја работат експертизата нема да се нафати паушално, во рамки на 30-тина минути, да нуди решенија за кои што утре ќе треба да носи одговорност. Доколку вие сметате дека математичкото пресметано решение по формулите го имате и таа е цената зад која стоите, дајте го предлогот на Советот и гласајте го сите тука. Ако не, направете Комисија, јас ќе ја прифатам, ќе номинираме лица од секторите да учествуваат, од ЈСП, од приватните превозници, има формули врз основ на кои се дошло на таа одлука. Значи, не можете паушално, ќе зголемиме толку, да некому наметнете тука за 30 минути да прави одлука. Имавме три месеци, втора е оваа иницијатива. Луѓето доаѓаа на состаноци, разговараа, нудеа решенија, требаше да се дискутира, не се дискутираше и сега во 30 минути сакате да извршите притисок врз службите да сите неопходни постапки ги завршат за да се понуди решение, изјави Арсовска.

Мартин Стојановски, советник во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, по седницата рече дека е добро што се донел заклучок со кој се задолжува градоначалникот во најкус можен рок да достави измени и дополнување за одлуката.

– Ние, како ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и советничка група, сме тука за да бидеме во интерес на граѓаните и да ги решаваме проблемите на граѓаните. Денеска се случи еден таков театар од останатите советнички групи, видовме дека советниците кои се дел заедно со градоначалничката Арсовска беа многу деструктивни, агитираа на тоа да не се донесе никаков заклучок. Колегите од СДСМ, исто така беа против, сакаа предвреме да ја напуштат седницата и ги повикуваа останатите советнички групи да ја напуштат седницата и тоа значи дека не се за решение граѓаните повторно да имаат приватен превоз. За колегите советници од Левица, немам што да коментирам, уште на самиот почеток ја напуштија седницата и ја покажаа онаа деструктивност што ја има во нивната советничка група, дека се против граѓаните, изјави Стојановски.

Прашан дали заклучокот е валиден, Стојановски рече дека тоа треба да го кажат службите на Градот Скопје, посочувајќи дека ова е брзо решение до, како што рече, месец мај.

– Јас седам напред во вториот ред и не можев да ги бројам гласовите од позади, тоа треба да го кажат службите на Градот Скопје… Ќе видиме како ќе постапи градоначалничката, ќе чекаме одговор, а со тоа ќе се изјаснат и приватните превозници кој бил нивниот став. Ние нашето, како советничка група го направивме во интерес на граѓаните, изјави Стојановски.

За приватните превозници прифатлива е цената за изминат километар да се зголеми за 30 денари, односно да биде 100 денари, онака што им предложиле советниците на ВМРО-ДПМНЕ на завчерашната средба. За ова се дискутираше во Советот на Град Скопје на вонредната седница и главната забелешка на советниците од опозицијата беше како би се обезбедиле овие дополнителни средства, освен со ребаланс на буџетот кој законот дозволува да се направи само до 15 ноември.