Доларот зајакна, цените на нафтата пораснаа

На валутните пазари вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути во раното претпладневно тргување порасна втор ден со ред .

Индексот на доларот кој ја искажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути претпладнево се движи околу 106,50 бодови, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 106,17 бодови.

Притоа курсот доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните150,70 на 150, 05 јени.

Меѓутоа, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0495 долари, додека вчера во истиот период изнесуваше 1.0530 долари.

Еврото е под притисок од политичката криза во Франција поради несогласувањата околу буџетот, што веројатно ќе доведе до гласање за доверба на владата.

Цените на нафтата, пак, пораснаа по вчерашниот пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,25 отсто, на 72,05 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 0,18 отсто, на 68.20 долари.