Претпазливост на европските и азиските берзи со фокус на Франција и Јужна Кореја

На европските берзи се тргува претпазливо во средата претпладнето, бидејќи инвеститорите не сакаат поризични инвестиции пред гласањето за доверба на владата во францускиот парламент.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за речиси 0,1 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,27 отсто, на 8.336 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,37 отсто, на 20.090 поени, а париски CAC за 0,23 отсто, на 7.270 поени.

Француските пратеници во среда ќе гласаат за доверба на владата, што речиси сигурно ќе значи пад на кревката владејачка коалиција на премиерот Мишел Барние, продлабочување на политичката криза во втората по големина економија во еврозоната.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции беше намален за 0,3 отсто во истиот пресек од тргувањето како и во Европа. Во исто време, индексот Nikkei порасна за 0,1 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Хонгконг, Шангај, Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,1 и 1,4 отсто.

Инвеститорите се фокусирани на политичката криза во Јужна Кореја која вчера ја предизвика претседателот Јун Сук Јеол. Тој прво воведе вонредна состојба со цел, како што рече, да се запрат „антидржавните сили“, но набрзо, по протестите на улиците и барањата од парламентот, ги укина вонредните мерки.

Во најголемата политичка криза во земјата во последните децении, опозицијата подготвува предлог за импичмент на претседателот.

„Вонредната состојба е укината, но се создаде голема неизвесност на политичката и економската сцена. Се плашиме дека овој инцидент може да влијае на кредитниот рејтинг на Јужна Кореја“, вели Мин Џо Канг, економист во ING.

Инвеститорите беа предупредени од податоците за најбавниот раст на австралиската економија од крајот на коронакризата, за само 0,3 отсто, додека во претходниот квартал растот беше 1 отсто.