Над 600 производи ќе поевтинат од 15 декември

Новогодишната кошничка ќе опфаќа повеќе okolu 670 производи и ќе трае од 15 декември до 15 јануари. Со неа се очекува намалување на цените на производите за 10 и повеќе проценти.

Листата на производи, како што кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски, е договорена заедно со стопанските комори, синдикатите, производителите, дистрибутерите и трговците.

– Направивме нешто што можеби досега никогаш не е направено – сите заедно разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис. Сите се согласивме во  периодот од 15 декември до 15 јануари цените на повеќе од 600 артикли да бидат намалени и брендирани  со налепници на кои ќе пишува „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.

Тој истакна дека не станува збор за интервентна мерка, не е ограничување на цените, туку договор со сите засегнати страни, и ќе се проверува само дали се почитува договорот, со кој ќе се намалат цените на над 600 прооизводи кои се одрбрани со заеднички консензус, со цел да го помогнеме стандардот на македонските граѓани.

Што се однесува пак до министерот за економија Бесар Дурмиши, оваа новогодишна кошница е сосема поинаква од претходните. 

– Денеска после цел месец консултации со бизнис заедницата имаме чест да ја најавиме новогодишната кошница направена заедно со бизнис заедницата која ја најавивме за празниците.

На забелешките од новинарите дека во листата на производи во новогодишната кошничка има производи чии цени во изминатиов период се зголемени, премиерот Мицкоски му предочи на директорот на Пазарниот инспекторат да направи контрола какви се цени на пазарот сега и потоа дали тие ќе бидат намалени.

– Ако видиме дека некој манипулира, имаме алатки да ги казниме. Пазарниот инспекторат има начин да ги провери цените, ако некој сака да манипулира, има алатки да ги спречиме – дополни премиерот. 

Со акциските цени ќе бидат опфатени повеќе производи од типот на леб, житарки, месо, месни преработки, риба, млеко, млечни производи, кондиториски производи, свежи овошје и зеленчук, пијалаци.

Премиерот и министерот истакнаа дека листата на производи не е конечна, и може да се надополнува во секој момент.