Борбата против корупцијата мора да биде заедничка

Корупцијатата останува голем предизвик за секое општество и држава и борбата против неа мора да биде заедничка, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши на денешното одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, 5 декември, во Собранието.

– Овој феномен е заедничка адреса на секој разурнат систем, извор на проблеми и пречка за секој напредок. За жал, и во нашата земја ја поткопа довербата во институциите, го попречи економскиот развој и придонесе за масовно иселување на младите. Ни треба многу работа во оваа насока – рече Гаши.

Претседателот на Собранието нагласи дека борбата против корупцијата мора да биде сеопфатна и да вклучува заеднички ангажман на државните институции, невладините организации и сите граѓани.

– Ако корупцијата е болест, транспарентноста е единствениот начин на лекување. Развиваме нови дигитални системи кои ќе ја подобрат отчетноста. Создадовме нов регистар за НВО, платформа која претставува значаен исчекор за формирање и инклузивни политики. Можам да ве уверам дека ќе ја поддржам секоја иницијатива што спречува корупција – истакна Гаши.

Тој ја поздрави работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и другите релевантни институции и повтори дека борбата против корупцијата не е должност само на државните институции, туку и на секој поединец.

– Треба да обезбедиме конкретни чекори за да ја подигнеме свеста за борба против корупцијата. Само така ќе може да напредуваме кон богато општество кое ги негува вредностите на транспарентност и интегритет. Рамнодушноста ѝ оди во корист на корупцијата – рече Гаши и повика секој да биде активен.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата организира настан во Собранието.

Покрај Гаши, воведно обраќање имаше и претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска и швајцарската амбасадорка Вероник Улман.

– Меѓународниот ден за борба против корупцијата не е само ден за подигнување на свеста, туку е и повик за конкретна акција. Тој нè потсетува дека заедно имаме моќ да изградиме општество во кое корупцијата нема место, каде ресурсите се насочени кон доброто на сите граѓани и каде секој има еднаква шанса за напредок. Потребно е да се обединиме и да дејствуваме заедно, индивидуално, институционално и на сите нивоа на власт – порача претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска.

Заеднички можеме да изградиме систем кој ќе се темели на транспарентност, интегритет и отчетност, вредности што се неопходни за напредок на општеството, додаде Димитровска.

– Меѓународниот ден за борба против корупција нè потсетува на сериозните последици што корупцијата ги носи за општествата ширум светот. Воедно, тој претставува и повик за зајакнување на нашите заеднички напори и посветеност во спречување на нејзиното разорно и подмолно влијание. Очекувам наша проактивност, отчетност и посветеност во борбата против корупцијата, во сите нејзини форми – рече Димитровска.

Корупцијата има негативни влијанија врз секој аспект од општеството и е длабоко испреплетена со конфликти и нестабилност, загрозувајќи го општествениот и економскиот развој и поткупувајќи ги демократските институции и владеење на правото, додаде Димитровска.

Таа ја истакна одличната соработка со Државниот завод за ревизија, Јавното обвинителство, Финансиската полиција и сите други клучни институции кои играат значајна улога во борбата против корупција.

– Убедена сум дека оваа соработка не само што ќе продолжи, туку и ќе се продлабочи во иднина со цел заеднички да постигнеме општество ослободено од корупција, засновано на интегритет, транспарентност и отчетност. Борбата против корупција бара обединети сили и уверена сум дека заедно можеме да направиме вистински промени. Меѓународната заедница претставува наш важен партнер во напорите да достигнеме високо ниво на независност, професионализам и дигитализација, што ќе биде основа за успех на кој ќе бидеме горди – рече Димитровска.