Мишел Барние поднесе оставка, пратениците од екстремната десница и левица му ја скроија капата

Францускиот премиер Мишел Барние поднесе оставка откако пратениците од екстремната десница и левица гласаа за пад на неговата влада, втурнувајќи ја втората по големина економија на еврозоната подлабоко во политичка криза.

Претседателот Емануел Макрон побара од Барние и владата привремено да останат на функцијата додека тој не го номинира новиот премиер, објави Елисејската палата, пренесува Ројтерс.

Барние стана премиер со најкраток стаж во модерната француска историја, беше на чело на владата само неколку месеци, а ниту една француска влада не ја изгуби довербата во парламентот уште од 1962 година.

Левицата и десницата го казнија вчера Барние со гласање недоверба затоа што се обиде низ парламентот да протурка дел од буџетот поврзан со социјалното осигурување, без гласање.