Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен нема да присуствува на церемонијата на отворање на опожарената и сега реновирана легендарна париска катедрала Нотр Дам во сабота, објави нејзината канцеларија во петокот, поради тензиите со Франција околу трговскиот договор со јужноамериканските држави.
Европската комисија објави дека посетата „не е официјално потврдена и дека претседателката не патува за Париз“, иако во четвртокот беше најавено дека Фон дер Лајен ќе оди на церемонијата во Париз.
Портпаролите сега тврдат дека станува збор за „грешка во внатрешната комуникација“.
Евроспката комисија не одговара на новинарските прашања дали причината за неизлегувањето е потпишувањето на договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и латиноамериканскиот трговски блок Меркосур (Mercosur), на што Франција остро се противи.
Во Франција се критикува дека Фон дер Лајен ја искористила политичката криза во Франција за да го склучи договорот. Францускиот претседател Емануел Макрон ја предупреди фон дер Лајен дека договорот „во оваа форма“ во каква што е потпишан не е прифатлив за неговата земја.
Околу педесет шефови на држави или влади од целиот свет ќе се соберат на церемонијата на отворање на обновената црква Нотр Дам по катастрофалниот пожар пред пет години. Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, беше меѓу првите што одговори на поканата. France-Info наведува дека ќе присуствуваат поголем дел од шефовите на земјите-членки на Европската унија.