
Курдската воена коалиција поддржана од САД а против која војува Турција со сојузничките бунтовнички групи во Сирија го зазела источниот сириски град Деир ел-Зор, изјавија во петокот три сириски извора за Reuters, третиот град што војската на претседателот Башар ал-сад го загуби во една седмица.
Два безбедносни извора лоцирани во источна Сирија рекле дека коалицијата, позната како Сириски демократски сили (SDF), во која главната ударна сила ја сочинуваат курдските Единици за заштита на народот (YPG) кои Турција ги смета за сириско крило на Работничката партија на Курдистан (PКК) во петокот попладнето ја презеле целосната контрола над Деир ал Зор. Извори известуваат дека SDF го освоиле и граничниот премин Албу Камал со Ирак.
Засега нема официјални потврди од независни извори, а информацијата не ја потврдуваат ниту завојуваните страни.
Напредувањето на SDF дојде откако сириските бунтовници предводени од џихадистичката Хајат Тахрир ал-Шам (HTS), исламистичка група претходно позната како Џебхат ан-Нусра или сириското крило на Ал Каеда (која го промени името за да биде симната од листата терористички организации на западните земји, во прв ред на САД), напредуваа во централниот сириски град Хомс во петокот.

Бунтовниците веќе го освоија северниот град Алепо минатата седмица и градот Хама на почетокот на оваа недела, нанесувајќи му ги најголемите удари на Асад во последните години. Меѓутоа, истовремено од таму ја протеруваат големата и влијателна во областа сириска христијанска заедница.
Во исто време, Јордан го затвори својот единствен патнички и трговски граничен премин со Сирија, објави во петокот Министерството за внатрешни работи.
Извор од сириската војска изјавил за Reuters само дека вооружените групи пукале на граничниот премин Насиб меѓу Сирија и Јордан.
