Важно е градењето и воспоставувањето на систем за контрола на легалните и нелегалните текови на оружјето, вели Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на 12 Регионален координативен состанок за имплементација на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје во Западен Балкан.
Тој изрази уверување дека овие состаноци на регионално ниво поттикнуваат не само продлабочување на соработкате во развојот на вештини и координацијата во борбата против недозволена трговија и нелегално поседување огнено оружје, туку и посилна соработка со Европската унија, нејзините земји-членки, агенциите на ЕУ, како и со клучните меѓународни актери во областа на контрола на мало и лесно оружје.

„Општо е познато дека достапноста и незаконската употреба на оружјето ја поткопуваат правдата, ја зголемуваат стапката на криминалот и ризиците од насилство и влијаат на стабилноста на нашите земји. Од неопходна важност во оваа насока е градењето и воспоставувањето на систем за контрола на легалните и нелегалните текови на оружјето, преку утврдување на процедури и механизми. Токму оваа цел ја имаше претходниот Патоказ чие спроведување покажа дека и покрај остварениот напредок и вложени напори, останува уште значителен дел од работата кој треба да се заврши со цел надлежните национални тела да ги достигнат највисоките стандарди и да се обезбеди ефикасна контрола на огненото оружје.“, потенцира министерот Тошковски.

Тој нагласи дека предизвикот на една од земјите е предизвик на сите нас и затоа овој Патоказ е регионален, со утврдени недостатоци и цели за надминување на истите.

„Навистина успешен се покажа холистичкиот пристап кој го воведе SEESAC во контролата на малото и лесно оружје. Неговата успешност се огледува и во фактот што пред неполни два месеци, ние – министрите за внатрешни работи од Западен Балкан го усвоивме новиот „Патоказ за одржливо решение за недозволено поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција 2025-2030“. Но, ефектот од досегашното спроведување се должи во голема мера и на одржувањето и ефектуирањето на соработка и партнерства со сите постојни меѓународни и европски чинители активни во оваа област“, нагласи Тошовски.

На крајот тој изрази уверување дека она што ќе следува во петте наредни години на негово спроведување, не смее да биде ништо помалку од работа и посветеност на процесот, имајќи предвид дека тоа во голема мера ќе ги олеснува и насочува тековните напори за исполнување на клучните безбедносни стандарди за членство во Европската унија.