Американски дипломати и воени функционери го зголемија интензитетот на својот пристап кон групите кои се натпреваруваат да зацртаат нов курс за Сирија, како и кон сириските соседи, во обид да обезбедат постабилна и побезбедна иднина по падот на режимот на поранешниот претседател, Башар Асад, објави Војс оф Америка.
Голем број клучни состаноци се одржаа вчера во Јордан каде што високи американски дипломатски претставници одржаа консултации со нивните јордански колеги, по слични состаноци еден ден претходно во Доха, Катар.
- И американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, рече дека се работи на повеќе дипломатски мисии.
– Високи функционери од овој оддел се низ регионот додека зборуваме, работејќи со колегите за одредување начини на кои САД можат да помогнат во поддршката на сирискиот народ додека тие сами одлучуваат за својот пат за иднината – рече Блинкен пред публиката во Стејт департментот вчера.
Овој момент претставува историска можност, рече тој, но носи и значителни ризици.
– Историјата покажува колку бргу моментите на ветување можат да се претворат во конфликт и во насилство – додаде Блинкен.
Како доказ за загриженоста на САД, командантот на Централната команда на САД, која ги надгледува американските сили на Блискиот Исток, исто така се ангажираше со сојузниците во регионот.
Американски претставници вчера, исто така, ја истакнаа потребата за мирна и за уредна транзиција во Сирија.
– Сакаме да се увериме дека нашите сојузници се безбедни и сигурни. Сакаме да се погрижиме да нема хуманитарна катастрофа. Значи, ќе работиме во текот на следните денови и недели за да се обидеме да осигураме дека можеме да обезбедиме сите тие работи да се случат – изјави заменик-амбасадорот на САД во Обединетите нации, Роберт Вуд, на новинарите во ОН во Њујорк.
Но, претставници на Стејт департментот и на Пентагон предупредуваат дека има доволно причини за загриженост оти надежите за подобра иднина за сирискиот народ би можеле да се распаднат, а разликите ќе доведат до нови бранови на насилство, па дури и до миграции надвор од Сирија.
Тие велат дека иако зборовите и постапките на лидерите на сириските бунтовници, вклучително и Абу Мохамед ал-Голани на Хајат Тахрир ал-Шам изгледаат ветувачки, ветувањата за нова, инклузивна влада ќе бидат ставени на тест ако тензиите меѓу ривалските групи продолжат да вријат или ескалираат.
И претставниците на Стејт департментот рекоа дека Хајат Тахрир ал-Шам, терористичка група означена од САД, која израсна од сирискиот огранок на терористичката група Ал Каеда пред да ги прекине врските, допрвин треба да покаже дека заслужува од неа да се отстрани ознаката за тероризам.
Исто така, постои загриженост за терористичката група Исламска држава која командува меѓу 2.500 и 5.000 борци низ Сирија и Ирак и која станува се посилна во последните месеци.