И Бразилците очекуваат повисоки цени на кафето во 2025-та

Водечките бразилски пржилници на кафе најавија повисоки цени во наредната година, сигнализирајќи им на граѓаните на водечкиот светски производител кој го стави зрното кафе на знамето дека ќе мора да посегнат подлабоко во џебовите за својот омилен пијалок.

Бразил е најголемиот производител на кафе во светот, со удел во производството од речиси 40 отсто, а е на второ место во светската ранг листа според потрошувачката.

Поради сушата годинава настрада и родот во Бразил, а на недостиг од врнежи се пожалија и лозарите во Виетнам, чиј удел во светското производство изнесува нешто помалку од 20 отсто.

Во вакви услови, цените на сировото кафе на светските берзи од почетокот на годинава скокнаа за 80 отсто. Само во изминатите пет седмици тие се зголемија за 30 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво откако кафето се тргува на пазарите на суровини.

И Бразилците мора да се подготват за повисоки цени, по најавите на големите пржилници како што е „JDE Peet’s“, кои ќе ги зголемат цените во просек за 30 проценти во 2025 година, велат два извора во трговската компанија, повикувајќи се на документи испратени до клиентите. „JDE Peet’s’ произведува брендови за кафе како што се „Jacobs“, „L’Oro“, „Tassimo“ и „Douwe Egberts“.

Мултинационалните компании ќе се обидат да ги зголемат цените и на другите пазари, до крајот на оваа или почетокот на следната година кога им истекуваат долгорочните договори со малопродажните компании.

„Мислам дека сите ќе ги зголемат цените следната година“, вели еден трговец од Европа.

Бразилската пржилници „3 Coracoes“ има намера да ги зголеми цените за 11 проценти во јануари, по зголемувањето од 10 проценти во декември. Пржилницата „Melitta“ ги зголеми за 25 отсто од почетокот на месецот, по „неодамнешниот“ пораст од 12 отсто, според документите испратени до клиентите.

Во белешката до клиентите на „JDE Peet’s“ ги припишува зголемувањата на цените на „климатските проблеми“, додавајќи дека тоа ќе ги зголеми цените за печено и мелено зрна кафе, како и инстант и капсулно кафе и капучино, според трговците на мало што го виделе документот.

Од „Melitta“ ги наведуваат зголемените трошоци поради „климатската ситуација“, а „3 Coracoes“, заедничко вложување меѓу бразилскиот „Sao Miguel“ и израелскиот „Strauss“, ги наведе климата, зголемената побарувачка и економската нестабилност.

Само во изминатите пет седмици цените на сировото кафе на меѓународните пазари се зголемија за околу 30 отсто.

„Дури и порано (најавата за поскапување во Бразил) некои големи пржилници во Европа планираа да ги зголемат цените за 10 проценти до крајот на декември“, рече трговец со кафе од Европа.

Според него, клиентите би можеле да забележат поскапувања во супермаркетите најдоцна до крајот на март.