На европските берзи во понеделник наутро се тргуваше внимателно, со индекси во црвено, особено парискиот CAC, откако Moody’s го намали кредитниот рејтинг на Франција.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,1 отсто во претпладневниот пресек од тргувањето. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,03 отсто, на 8.298 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,30 отсто, на 20.345 поени, а париски CAC 0,39 отсто, на 7.380 поени.
Најмногу утрово паднаа цените на акциите на париската берза, откако агенцијата Moody’s во петокот неочекувано го намали кредитниот рејтинг на Франција од Аа2 на Аа3.
Moody’s соопшти дека очекува слабеење на јавните финансии на Франција во наредните години поради политичката нестабилност. Во петокот Франсоа Бајру беше назначен за нов, четврти француски премиер од почетокот на годината.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции беше намален за 0,2 отсто во истиот пресек како и во Европа. Истовремено, индексот Nikkei се лизна за 0,1 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Шангај, Австралија и Хонгконг паднаа меѓу 0,2 и 0,9 отсто.
Азиските инвеститори се претпазливи бидејќи оваа седмица ќе се одржат седници на неколку централни банки, а нивните одлуки би можеле значително да влијаат врз насоката на пазарот.
Во среда, по дводневната седница, челниците на американската централна банка ќе ги соопштат своите одлуки, а инвеститорите очекуваат дополнително намалување на каматните стапки за 0,25 процентни поени.
Во четврток, пак, челниците на јапонската централна банка ќе ги објават своите одлуки за монетарната политика, а во петок и челниците на кинеската централна банка.