Ковачевски доби кривична за проневера во Лотарија

На денешната прес-конференција министерот Панче Тошковски соопшти дека кривична пријава е поднесена и против поранешен премиер.

Тој вели кривична пријава којашто на 13.12.2024 година од страна на оделот за сузбивање на организиран криминал и корупција е поднесена до ОЈО Скопје против осум лица.

„Кривична пријава против 8 физички лица од кои едниот е поранешен премиер, едниот е поранешен вицепремиер, едниот е поранешен директор на едно правно лице и едниот е поранешен генерален секретар, останатите се да речеме еве државни службеници коишто работат во рамки на едно од правните лица“, изјави Тошковски.

„Врз основа на кривични пријави од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција, беше спроведена предистражна постапка во рамките на која беа преземени повеќе дејствија, а утрово, врз основа на соодветни судски наредби, беа извршени претреси на девет локации во Скопје и во кумановско со цел обезбедување докази за потребите на постапката. Претресите ги вршеа припадници на Министерството за внатрешни работи, под раководство на надлежни јавни обвинители“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Обвинителството.

Се додава дека од од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа “Државна лотарија” на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.

Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – Генерален директор на “Државна лотарија”, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија. Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови.