Од петок вечер, пола Скопје ќе остане без вода, сѐ до санирање на дефектот

Од контакт центарот на ЈП „Водовод и канализација“ соопштија дека во петок, 20 декември, најверојатно од 22 часот, ќе започне исклучувањето на водата во повеќе скопски населби.

Според официјалните информации од таму, без вода ќе бидат граѓаните од десната страна на реката Вардар, односно од „СП Планет“ во Ѓорче Петров, па кај Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), па сѐ до Зелениково и Студеничани.

Затворањето ќе биде извршено на затварач Ф1600 кој локациски се наоѓа во кругот на касарната во Ѓорче Петров, со што во моментот на отпочнување со санација неопходно е затварање на вода на главниот градски цевковод Ф1600мм. Затворање на вода на главниот градски вод Ф1600мм се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец.

За потребите на трговски центри, угостителски објекти и болниците, како Клинички центар, приватната болница Жан Митрев и Детската болница во Козле, ќе биде обезбедено снабдување со вода преку цистерни.

Причината за прекинот на водоснабдувањето е санација на дефектот на улицата „Никола Парапунов“ во Карпош, и не се знае кога таа ќе заврши и повторно ќе има водоснабдување на жителите.

Од „Водовод“ информираат дека жителите на Чаир, Бутел, Радишан, Пластичарски улица до Американската амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда (висока зона), Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шуто Оризари, Топанско, Новоселски пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волкова и Орман, нема да имаат проблеми со водоснабдување.