Вооружена престрелка во Башчаршија во Сараево – еден е повреден, друг е во бегство

Во центарот на сараевска Башчаршија денеска во вооружена пресметка во која учествувале лица познати по сторени кривични дела е ранет млад човек, а полицијата потврдила дека трага по сторителот кој набрзо бил идентификуван.

Престрелката се случила во момент кога пешачката зона била преполна со минувачи и случајно меѓу нив немало повредени, објави Индекс.

„Едно лице се здобило со полесни повреди во пределот на ногата. Полицијата има оперативни информации за тоа кој е сторителот и активно работи на расветлување на случајот“, изјави портпаролката на МВР на сараевската жупанија Мерсиха Новалиќ.

Медиумите објавија дека повредениот е Адмир Лекиќ, кој веќе во неколку наврати бил пријавуван за насилничко однесување.

Полицијата како напаѓач го идентификува Недим Хасиќ, исто така лице со криминално досие. Во 2019 година учествувал во грабеж на бензинска пумпа во областа Сараево.