Евролига: Убедливи домашни победи на Реал и Панатинаикос

Кошаркарите на Реал Мадрид во првиот натпревар од 17. коло од Евролигата забележаа убедлива победа на домашен терен, совладувајќи го до ова коло водечкиот Монако со 94:72.

Реал одигра одлична втора четвртина во која го одработи најголемиот дел од работата на патот до победата. Поради ова на паузата замина со голема предност од 53:35, што беше гаранција за мирно второ полувреме. На крајот од третата четвртина Реал имаше 30 поени предност, со што го реши натпреварот.

Џанан Муса беше првиот стрелец на Реал со 22 поени, на кои додаде пет скока и пет асистенции. Кај Монако најрасположен беше Мајк Џејмс со 19 поени и осум асистенции.

Панатинаикос победи со 104:69 против Басконија, исто така, на домашен терен. Кендрик Нан одигра одличен натпревар со 26 поени, девет асистенции и четири украдени топки. Лоренцо Браун додаде 18 поени.

Лошата вест за Панатинаикос е тешката повреда на левата нога на Матијас Лесор.

На табелата во моментов води Париз со скор 11-5, а зад него е вториот француски тим Монако со 11-6. Жалгирис, Баерн, Фенербахче и Олимпијакос имаат по десет победи и шест порази, додека Панатинаикос сега има скор 10-7. Реал Мадрид има осум победи и девет порази.