Во историјата на дипломатијата „Источното прашање“ завзема едно од централите места. Разбирливо, зошто неговиот расплет, полека но сигурно, придонесе за започнување на Првата светска војна. Под „Источно прашање“ се подразбира „дипломатски проблем, кој опстојува од средината на XIX век, се’ до раниот XX век. Овој проблем е предизвикан од дезинтеграцијата на Отоманската империја, а во неговиот центар е натпреварот за контрола на поранешните oтомански територии. Сите внатрешни тензии на oтоманските територии, предизвикуваа тензии помеѓу европските големи сили, секоја плашејќи се дека некоја друга може да добие предност од политичкиот хаос, за да го зголеми своето влијание“ – (Britanica). Балканскиот полуостров беше составен дел на ова прашање. Во неговиот центар влезе „македонското прашање“, дипломатски предизвик чие решавање ќе го означи и крајот на Империјата.
„Македонското прашање е недоразбирање кое е доминантно во јужниот Балкан, од доцниот XIX век се до раниот XX век. На почетокот македонското прашање ги инволвира Грција, Бугарија и во помала мерка Србија, во судир за тоа која држава ќе успее да го наметне својот национален идентитет врз етнички, лингвистички и религиски поделеното население на регионот, кој традиционално се нарекувал Македонија. На тој начин, секоја држава се обидувала самата да се здобие со сопственост на територијата на Македонија“ – (Britanica).
Големите сили, т.н. Концерн на големите сили, во овој период, не посакуваа европска војна. Тие своите геополитички цели ги остваруваа преку балканските држави. Ги користеа и поттикнуваа нивните идеи за создавање на сопствени големи држави. Членките на Концернот склучуваа билатерални, или мултилатерални договори, во кои територијата на Македонија, им се ветуваше на балканските држави. Во оваа игра, најактивни беа Австро-Унгарија и Русија. Австро-Унгарија сакаше Јадранското море да биде нејзино, а Русија имаше интерес да излезе на Медитеранот. По завршувањето на Кримската војна, на нејзините воени бродови им беше забранет излез преку Босфорот и Дарданелите. Всушност, токму оваа руска цел, го предизвика создавањето на „македонското прашање“. Неможејќи да ги користи протоците, таа се насочи кон формирање на голема бугарска држава, која би ја опфаќала скоро цела Македонија, со излез на море. Нешто, што во ниту еден момент не беше прифатливо за Австро-Унгарија. Присоединувањето на Македонија кон Бугарија, би влијаело Србија да се сконцетрира на завземање на Босна и Херцеговина. За да ја избегне оваа опасност, Австро-Унгарија ја насочува српската политика кон Македонија, дозволувајќи и да се шири по течението на реката Вардар. Русија со тешко срце мораше да ја прифати оваа опција. Таа не сакаше да ја изгуби Србија како свој верен сојузник.
Велика Британија не беше надвор од оваа игра. Таа благодарејќи на завземањето на Кипар и Египет имаше целосна доминација на источниот Медитеран. За неа, формирањето на каква и да било словенска држава, а посебно голема Бугарија, би значело руско излегување на топли морски води. Спречувањето на една ваква можност, значеше само едно – поттикнување на грчките апетити кон север. Што е можно подалеку од бреговите на Медитеранот. Германија, во принцип, немаше некои поголеми интереси. Нејзина единствена желба и цел беше изградба на железничката линија Берлин-Багдад. Во оваа нејзина намера таа ја имаше поддршката на суланот. Од тие причини германската политика кон „македонското прашање“ беше политика на задржување на статус квото. Сосема спротивно од интересот на Велика Британија. Владата во Лондон изградбата на оваа железничка линија ја сметаше за директна закана врз нејзините интереси на Индискиот потконтинет. Од тие причини, таа сесрдно го помагаше младотурското движење.
Италија, како голема европска држава, се појавува паралено со појавата на „македонското прашање“. Таа не е во состојба да покажува некои поголеми претензии на Балканот. Таа би била најсреќна доколку успее да ја стави Отранската врата на Јадранот под своја контрола, но со тоа би ризикувала судир со Австро-Унгарија. За да го избегне овој предизвик, таа се насочува кон Источниот Медитеран, надевајќи се дека еден ден ќе успее целиот Медитеран да го претвори во италијанско езеро. Во оваа приказна нема некое големо место за Франција. Таа соочувајќи се со брзорастечкиот германски империјализам, потпишува договор за сојуз со Русија. Царска Русија станува главен заштитник на Републиката.
Италијанско-Отоманската војна, во 1911 година и опасноста од неконтролиран колапс на Отоманската империја, го отвори патот за Првата балканска војна. Таа заврши со Лондонската мировна конференција на големите сили. Паралено со неа, во Лондон се одржуваше и конференцијата помеѓу учесниците во балканската војна. Големите сили, на својата конференција се договорија освоените територии, источно од Албанија и западно од Одрин да им се препуштат на балканските сојузници. Тие, од своја страна, на конференција не успеаа да постигнат договор за деталите на оваа поделба. Патот кон Втората балканска војна, беше отворен. Настан кој не влијаеше значително врз големите сили. За нив „македонското прашање“ беше затварено.
Средбата на големата сојузничка тројка – Сталин, Черчил и Рузвелт на Јалта, во почетокот на 1945 година, повторно го подотвори „македонското прашање“. Македонската ослободителна армија, како дел на антифашистичката коалиција, веќе ја контролираше територијата на Вардарска Македонија. Надежта за обединување на Македонија, катадневно растеше меѓу Македонците. Постоеше опасност од загрозување на тајниот пакт, за поделба на интересни зони, во Европа, помеѓу Черчил и Сталин. За да се елиминира оваа опасност, тие постигнаа согласност. Територијата на Вардарска Македонија, да се конституира како федерална единица во рамките на федерална Југославија. Патот кон создавање на македонската нација беше целосно отворен. Прогласувањето на независност го дозаокружи овој процес, но ги отовори старите рани, а додаде и некои нови.
Историјата не се повторува, но од неа може многу да се научи. Посебно за геополитиката. При ова треба да се има во предвид дека класичното значење на овој поим кој подразбира изучување на ефектите од географијата на меѓународните односи, полека но сигурно се проширува. Во поново време кон географијата се приклучуваат и климата, демографијата, природните ресурси, како и применетите науки, во регионите кои се анализираат. Само еден бегол поглед, од аспект на геополитиката, во регионот на Источниот Медитеран, е доволен, за да се заклучи дека Источното прашање повторно е заживеано. Старите големи играчи се на терен, дополнети со САД. Наследникот на Отомаснаката империја, Турција е во офанзива, а тука некаде е и Израел. Македонија, за среќа, сега не е во центарот на овој предизвик. Таа е на неговата периферија! Во центарот е „Кипраското прашање“. Замрзнат грчко-турски конфликт, кој за жал, може лесно да се одмрзне.
Турската надворешна политика, како што е познато, јава на пан-исламот и нео-отоманизмот. Во ова таа е доста успешна и го шири своето влијание на Балканот, на Кавказот, но и во Африка. Единствен нејзин надворешно-политички, но и економски предизвик, е недостатокот на територијални води на Медитеранот. Грчките острови, кои се во близината на нејзиното копно, не и’ дозволуваат да има слободен излез на отворно море. Откривањето на сериозни резерви на гас и нафта во овој регион, овозможи Израел, да е веќе енергетски независен. Египет да може и да извезува, Либан сеуште го развива овој сектор, Сирија, заради војната не можеше да влезе во овој проект. Кипар, според првичните проценки, има резерви на гас кои можат да го направат енергетски независен во следните сто години. Се разбира, доколку на тоа Турција не се спротивстави. Нема истражувања, доколку на Северен Кипар не му се дозволи и тој да врши истражувања. Дополнително, испрати и свои воени бродови. Големите енергетски комапнии, не можеа да ги продолжат истражувањата. На терен излегоа големите сили со своите дипломатии. Тоа најдобро го илустрираше италијанскиот министер за надворешни работи. Италијанската влада ќе ги насочува своите интереси, таму каде што се интересите на нејзиниот енергетски гигант.
Од 2015 до 2016 година траеа преговорите со посредство на Обединетите нации. Дипломатиите на големите западни држави беа активно вклучени во овој процес, посебно Велика Британија. На моменти се чинеше дека преговорите ќе завршат со успех. Двете страни прифатија, федерален облик на уредување со ротирачки претседател, од двете етнички заедници, турската и грчката. Компромисниов предлог, се базираше на задоволување на грчкиот пан-еленизам и турскиот пан-исламизам. Се отиде и чекор понатаму, па британската страна си зеде за слобода овој предлог да го прогласи за модел кој треба да се применува и во други мултиетнички заедници. Индиректно укажувајќи на Македонија.
За грчкиот панхеленизам, Република Македонија, и како федерална единица и како независна држава, беше мека закана по нејзините национални интереси. Исто како и за бугарските. Поделбата на Кипар, ги дуплираше предизвиците. Тоа грчките политичари не го криеа, ниту го кријат. Компромисот кој тие вербално го прифатија беше федерален Кипар и промена на уставното име на Македонија. Бугарија требеше да го заврши највалканиот дел од работата. Да наметне целосно самобришење на македонскиот народ. Ем грчкиот панхеленизам ќе биде задоволен, ем големобугарскиот мит ќе биде задоволен. Нивните национални митови, а со тоа и националното единство, ќе опстојат, а дефиницијата за „македонското прашање“, ќе биде негирана. Уште подобро, македонската влада и парламент ќе го потврдат тоа, како што и се случи. Владата на Македонија, без никаква грижа на совест, целосно го игнорираше фактот дека ниту Грција, ниту Бугарија, ниту Србија, не се бореа за правата на сонародниците, како што пишува во нивните учебници. Тие се бореа за територии. Сојузничките договори помеѓу Србија и Бугарија во 1912 година и Грција и Србија, во 1913 година тоа најдобро го илустрираат. За жал, нашите лидери во тоа време не сакаа ниту да читаат, ниту да размислуваат. Заедно со водачите на шарената револуција влегоа во најефтиниот трик на секоја дипломатија.
Вети, но не испорачувај! Наместо тоа, генерирај нов предизвик!
Турција, од своја страна исто така вербално прифати компромис, проектирајќи ги своите пан-исламски ставови. Федерален, наместо меѓународно непризнаен Северен Кипар, со зајакнување на правата на муслиманите, посебно Албанците, во Македонија.
Преговорите за обединување на Кипар пропаднаа. Наместо да се затвори, новото Источно прашање, катаднево ескалира. Турција, за да обезбеди контрола врз енергетските резерви, ја заострува играта. Кон својата надворешно-политичка стратегија, ја додава и стратегијата за „сина татковина“. Ги игнорира сите меѓународни конвенции, кои и така ги нема потпишано, и заедно со протурската влада во Либија, потпишува меморандум за поморско разграничување. Навлегува во грчката и кипарската економска ексклузивна зона. Дополнително, со овој чекор таа ги блокира и идеите за изградба на гасовод од Израел и Египет кон Кипар и Италија. Гасовод кој и Грција сакаше да го има на своја територија.
Падот на режимот на Асад во Сирија, придонесува за дополнително комплицирање на ситуацијата. Про-исламските сили, за кои Турција тврди дека не се под нејзино влијание, го контролираат целиот брег на Сирија. Евентуалното стабилизирање на состојбата во ова држава, ќе ја зајакне тусрката позиција во регионот, но и согласно доктрината на „сина татковина“ уште посериозно да навлезе во водите на Медитеранот. Анти-турскиот сојуз што Грција го градеше со Египет и Израел, се чини, со ова сценарио, губи на значење. Интересно е да се напомене дека турските аспирации сега веќе не завршуваат тука. Нејзните медиуми, веднаш по падот на Асад, излегоа со иницијатива за обнова на проектот за изградба на гасовод од Катар, преку Сирија, во Турција и оттука во Европа. Нешто што претходно беше одбиено од претседателот на Сирија. Тој повеќе сакаше шиитски гас од Иран, отколку сунитски од Катар. Грција нема друг избор, освен постојано да го зголемува својот буџет за одбрана. Големите западни сили, на прв поглед се обединети во подршката на Грција, но од тоа се чини нема ништо. Ниту сите заедно, ниту поединечно, тие не се во состојба да извршат значителен притисок на Турција. Уште помалку сега, додека трае војната во Украина, но и судирот на Изрел со Палестинците. Расплетот во Сирија, сеуште не е започнат. Во него Турција ќе го има главниот збор! Периферијата на новото Источно прашање, вклучувајќи го и Балканот, индиректно или директно ќе ги почувствува последиците од неговото решавање.
Малите и недоволно богати држави тешко можат да ги следат и анализираат гео-политичките игри. Тие се над нивните капацитети. Сепак, тоа не значи да се помируваат со тој факт. Напротив, треба да вложуваат дополнителни напори за да ги осознаат главните правци и протагонисти во играта. Да го прилагодуваат темпото на своите надворешно-политички активности и да делуваат со исклучителна претпазливост. Подобро е некоја шанса привремено да се пропушти, отколку да се влезе во замка и да се загрозат националните интереси.
Автор: Јован Донев за НетПрес