
Според неофицијални информации до кои дошле хрватските медиуми во петокот претпладнето, едно дете загинало а осум лица се повредени во нападот во загрепското основно училиште „Пречко“, што го коментираше и премиерот Андреј Пленковиќ, кој рече дека е згрозен и изрази сочувство и жалење до семејствата на повредените деца.
„Ние, како и целата хрватска јавност, сме ужаснати од оваа голема трагедија што се случи утрово во основното училиште ‘Пречко’ во Загреб. Таму се министрите (Давор) Божиновиќ и (Радован) Фукс, тие, како и полицијата и сите други служби, се обидуваат да утврдат што точно се случило во овој голем инцидент“, рече Пленковиќ на почетокот на седницата на неговата влада.
Неколку ученици, додаде Пленковиќ, се згрижени во неколку болници во Загреб, а најави дека ќе ги посети министерката за здравство Ирена Хрстиќ за да види каква е состојбата.
„Штом имаме повеќе информации, секако дека јавноста ќе биде информирана за тоа. Изразуваме жалење и сочувство до семејствата на повредените деца“, рече премиерот.
Според неофицијални информации осуммина се повредени, меѓу кои и едно починато дете и една наставничка пред пензија.
„Денеска, 20-ти декември, околу 9:50 часот, млад човек со остар предмет повреди наставник и неколку ученици во воспитно-образовна установа во месноста Пречко. Напаѓачот е под полициски надзор. На повредените им е укажана лекарска помош“, објави засега загрепската полиција најавувајќи подетални информации во текот на денот.
Медиумите претходно објавија дека напаѓачот наводно бил ученик на училиштето пред кое по нападот има многу полиција и амбулантни возила. Пред училиштето слетал хеликоптер на службата за брза помош, а присутни биле и градоначалникот Томислав Томашевиќ, министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ и министерот за наука, образование и млади Радован Фукс.
На видеото што го објави HRT Radio Sljeme се гледаат луѓе како бегаат од зградата, додека на видеото што го објави Индекс се гледаат итни работници кои превезуваат едно лице во возила.