
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека Европската унија може да се соочи со царини доколку не го намали растечкиот дефицит со САД со склучување големи трговски договори за нафта и гас со најголемата светска економија.
ЕУ веќе го купува лавовскиот дел од американскиот извоз на нафта и гас и во моментов нема дополнителни количества на располагање, доколку САД не го зголемат производството или обемот не се пренасочи од Азија, уште еден голем потрошувач на американски енергенси.
„Ѝ кажав на ЕУ дека мора да го надополни својот огромен дефицит со САД со големо купување на нашата нафта и гас. Во спротивно, дефинитивно воведуваме царини!“, порача Трамп во објавата на Truth Social.
Европската комисија соопшти дека е подготвена да разговара.
„ЕУ е посветена на постепено укинување на увозот на енергенси од Русија и диверзификација на нашите извори на снабдување“, рече портпаролот на ЕК.
Веќе во првиот квартал од 2024 година, САД ја снабдуваа ЕУ со 47 отсто од увозот на течен природен гас (LN) и 17 отсто од увозот на нафта, според податоците на Eurostat.
Трамп вети дека ќе воведе царини за повеќето, ако не и за сите увозни производи, и рече дека Европа ќе плати висока цена бидејќи со децении има голем трговски суфицит со САД. Тој постојано го истакнуваше трговскиот дефицит на САД, но не и трговијата како целина.
Минатата година САД имаа трговски дефицит со ЕУ од 155,8 милијарди евра. Сепак, во услужниот сектор имаa суфицит од 104 милијарди евра, покажуваат податоците на Eurostat.
Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, веќе вети високи царини за трите најголеми трговски партнери на САД – Канада, Мексико и Кина.