Раководството на СДСМ нема капацитет да ја обнови партијата

Резултатите на истражувањето на јавното мислење кое за МКД.мк го спроведе агенцијата Маркет вижн од 6 до 15 декември, за првпат покажуваат дека коалицијата Вреди е пред ДУИ, а СДСМ после ДУИ.

Актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, го дели третото место на оваа ранг-листа заедно со Максим Димитриевски, претседателот на новата партија ЗНАМ. А како партија, СДСМ, се дури на четвртото место, после ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Вреди.

За новото раководство на СДСМ и предизвиците со кои се соочува по последните избори, и капацитетот да се обнови партијата и да креира политика прифатлива за граѓаните, испитаниците на ова истражување имаат голема резерва. Повеќе од 48 отсто од испитаниците не веруваат во тој капацитет и способност да се креира нова политика, а 18,4 одговорија потврдно на ова прашање.

А ова се потврдува и со рејтингот на партијата, песимизмот преовладува во однос на можноста за обновување на партијата.

На прашањето кога следните избори би се одржале утре, за која политичка партија би гласале, за 21,5% од гласачите изборот е ВМРО-ДПМНЕ, за 5,5% од гласачите е коалицијата Вреди, за ДУИ би гласале 5,4%, за СДСМ 3,9%, за Левица 2,9%, за ЗНАМ 2,1%… Повеќе од 50 отсто од испитаниците на ова истражување одговориле дека не сакаат да одговорат, дека нема да гласат, дека уште не се определиле и дека не знае за кого да гласа.

Анкетирањето беше спроведено од 6 до 15 декември година со употреба на ЦАТИ метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 95%). Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и етничка припадност, според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.