Пакистанското Министерство за надворешни работи во саботата ги отфрли како неосновани американските тврдења дека ракетната програма на земјата претставува закана за Соединетите држави.
Американскиот заменик-советник за национална безбедност Џон Финер изјави претходно оваа седмица дека Пакистан станува „растечка закана“ со развојот на балистички ракети со долг дострел.
Неговата изјава ден откако Вашингтон најави нова рунда санкции поради ракетната програма е нов показател за влошување на односите меѓу некогаш блиските сојузници, по повлекувањето на САД од Авганистан во 2021 година.
Пакистанското Министерство за надворешни работи изрази жалење што САД ги сметаат за закана. „Овие тврдења се неосновани, немаат никаква врска со разумот и чувството за историја“, соопштуваат од Министерството.
Министерството нагласи дека ракетната програма ја развива исклучиво заради одбрана на суверенитетот и одржување на регионалната стабилност и дека тоа не треба да се толкува како закана за ниту една земја.
Министерството, исто така, ја нагласи долгата историја на соработка на Пакистан со САД, особено во борбата против тероризмот, и рече дека е посветено на конструктивна соработка за сите прашања, вклучително и регионалната стабилност и безбедност.
Односите меѓу Вашингтон и Исламабад имаа подеми и падови. Двете земји соработуваа за време на Студената војна и во борбата против Ал Каеда по терористичките напади на 11 септември 2001 година.
Односите се влошија откако Пакистан ги обвини САД за изведување тајни операција на неговата територија без информирање на пакистанските служи, а особено откако Исламабад почна да соработува на кинескиот инфраструктурен проект.