Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова. На средбата беа отворени повеќе теми од заеднички интерес, со фокус на енергетската ефикасност, соработката меѓу Министерството и Универзитетот и можностите за поддршка на младите кадри, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Ректорката Ангелова ја истакнала важноста на енергетската стабилност за редовното функционирање на универзитетот, наведувајќи дека високите сметки за електрична енергија претставуваат значителен финансиски товар. Таа посочила дека Универзитетот бара начини за оптимизација на трошоците за електрична енергија, како и долгорочно и одржливо решение.
-Иако Македонија повеќе од година и половина успешно ја менаџира својата берза за електрична енергија, која функционира преку националниот Оператор за пазар на електрична енергија (МЕМО), повеќето државни и јавни институции, вклучувајќи ги училиштата, болниците и комуналните претпријатија, се соочуваат со сериозни предизвици. Овие институции се обврзани да купуваат електрична енергија на слободниот пазар, плаќајќи по цените што се формираат на берзата ХУПЕКС во Унгарија. Иако се работи за некомерцијални субјекти, над 200 јавни установи моментално плаќаат просечна дневна берзанска цена за струја, што значително ги оптоварува нивните буџети, се вели во соопштението.
Министерката Божиновска ја истакнала подготвеноста на Министерството да ги разгледа можностите за олеснување на оваа ситуација и потенцирала дека решавањето на овој проблем е од суштинско значење за подобрување на енергетската одржливост на јавниот сектор и за ослободување на средства кои би можеле да се инвестираат во други развојни проекти.
Министерката и ректорката разговарале и за важноста од стимулирање на студентите и создавање услови кои ќе ги мотивираат младите и перспективни кадри. Министерката Божиновска истакна дека развојот и поддршката на младите се меѓу клучните приоритети на Министерството, при што е подготвена да иницира и поддржи заеднички проекти со Универзитетот кои ќе придонесат за развој на нови таленти и обезбедување стручни кадри во енергетскиот сектор.
Министерството за енергетика, велат оттаму, останува посветено на пронаоѓање на одржливи решенија за оптимизација на енергетските ресурси и обезбедување економска стабилност за институциите и граѓаните.