Само три професии ќе бидат отпорни на ВИ: енергетика, биологија и програмирање системи, прогнозира Гејтс

Брзиот напредок на вештачката интелигенција (ВИ) го преобликува глобалниот пазар на трудот на начини што почнуваме да ги разбираме. Oд безброј професии, само три навистина ќе ја издржат револуцијата на вештачката интелигенција, прогнозира коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс.

Гејтс, кој, инаку, е истакнат поборник за технолошки иновации, предвидува радикална трансформација на работната средина и според него, само секторите енергетика, биологија и програмирање системи за вештачка интелигенција се спремни да останат отпорни во услови на пораст на вештачката интелигенција.

– ВИ има потенцијал да го скрати нашето работно време, овозможувајќи ни да се фокусираме на покреативни и позначајни задачи – објаснува Гејтс. Оваа визија сугерира иднина во која автоматиката се справува со рутинските задачи, ослободувајќи ги луѓето да се вклучат во интелектуално стимулативни и улоги. Соочувајќи се со оваа нова реалност, Гејтс ја нагласува важноста на здобивањето програмски вештини и дигитална писменост.

– ВИ се развива со вртоглаво темпо, а оние што ќе ги совладаат овие вештини, ќе имаат подобри изгледи за работа – советува тој. Размислувајќи за сопствените искуства, Гејтс се сеќава како учењето да се кодира, отвори врати за можности што претходно беа незамисливи.

Освен за вработувањето, Гејтс е оптимист и за влијанието на вештачката интелигенција врз образованието.

– Во следните пет-десет години, софтверот напојуван со вештачка интелигенција ќе го револуционизира начинот на кој предаваме и учиме. Замислете персонализирани искуства за учење каде што образовните содржини се приспособени на уникатните потреби и стилови на учење на секој ученик, правејќи го образованието поефективно и попривлечно – посочува тој.