
Министерството за внатрешни работи добило пријава по електронски пат за документот за кој реагира Амбасадата на Италија во Македонија дека е незаконски изработен, и во однос на пријавата полицијата постапува, се вели во информацијата до јавноста која МВР ја достави до редакцијата на НетПрес.
Ве информираме дека за случајот кој е предмет на Вашето барање до МВР е добиена пријава по електронска пошта и по истата се постапува, се вели во дописот на МВР до НетПрес.
Имено како што веќе НетПрес објави, амбасадата на Република Италија дошла до документ со кој наводно му дала овластување на лицето Александар Ивановски, да го продаде својот недвижен имот на улицата Славејко Арсов број 146 на скопско Водно, каде всушност се наоѓа резиденцијата на италијанскиот амбасадор во земјава. Имено, во документот, кој е на меморандум од Амбасадата на Италија и има печат од амбасадата, а исто така и потпис од амбасадорот, на италијански јазик е напишано дека лицето Александар Ивановски на седми август, годинава, наводно добил согласност за склучување преддоговор за продажба на недвижен имот.
Според италијанската амбасада документот е незаконски изработен.
На петти декември, годинава, Амбасадата на Италија упатила вербална нота до македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија со барање македонските власти да постапат во однос на случајот.
На шести декември, годинава, со назнака „Многу Итно“, македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија, за случајот испратило известување до Министерството за внатрешни работи (Биро за јавна безбедност), до Министерството за правда, како и до Нотарската комора.
Македонскиот бизнисмен-градежник Александар Ивановски, пак, на четврти декември, годинава, потпишал преддоговор за купопродажба на својата недвижнина на улица Славејко Арсов број 146 на скопско Водно. За парцелата и објектот бил потпишан преддоговор за купопродажба со фирмата „Техно Блок“ ДООЕЛ Увоз-Извоз од село Скудриње, Маврово, а документот бил нотарски верификуван, во нотарска канцеларија во Скопје.