Министерот за безбедност на БиХ осомничен за корупција, се бара негово апсење

Обвинителството на Босна и Херцеговина во четвртокот побара апсење на министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, кој е осомничен за корупција, објавија локалните медиуми.

Налогот за апсење на Нешиќ е проследен до Министерството за внатрешни работи на Република Српска, но министерот избегна апсење бидејќи престојува надвор од Босна и Херцеговина. Медиумите објавија дека тој, наводно, потоа контактирал со полицијата и најавил дека ќе се предаде.

Актуелниот министер за безбедност на БиХ е под истрага за кривични дела сторени во периодот од 2016 до 2020 година кога бил директор на јавното претпријатие „Путеви РС“.

Полицијата во четвртокот во потрага по докази ја блокираше зградата во Бања Лука каде што се наоѓа седиштето на таа фирма и врши претреси и одзема документација.

Како дел од истата истрага, Младен Лучиќ, претприемач од источно Сараево и брат на поранешниот министер за човекови права на БиХ, Милош Лучиќ, кој претходно беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, а сега му се суди во Судот на од Босна и Херцеговина, исто така е приведен.

Истрагата е поведена поради сомневање дека фирмите кои ги одржуваат патиштата на територијата на Републиак Српска морале да го откупат материјал за посипување на патиштата од фирмата „Legend“, чиј сопственик е Младен Лучиќ, по цени значително повисоки од пазарните.

Извор од истрагата открива дека Нешиќ се пријавил во Обвинителството на БиХ и рекол дека ќе одговори на сослушувањето.

Порталот Српскаинфо дознава дека се работи за набавка на сол за патишта од Египет во 2017 година преку фирмата „Legend“ на Младен Лучиќ. Во времето на спорната набавка директор на „Путеви РС“ беше актуелниот министер за безбедност Ненад Нешиќ.

Нешиќ е и претседател на Демократскиот народен сојуз (ДНС), кој е коалициски партнер на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), на чело со Милорад Додик.

Нешиќ по волјата на Додик беше назначен за државен министер за безбедност по изборите во 2022 година.