Министерот Адеми присуствуваше на Саемот на студии во Франција

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на Саемот на студии во Франција и франкофонски студии во регионот. Саемот на кој ќе бидат претставени  француските универзитети и  универзитетите од Балканот на кои има франкофонски студии, го отвори амбасадорката на Франција  Лоренс Оер.

-Овој саем им овозможува на учениците и на студентите, на професорите и на родителите да се сретнат со бројни претставници на француски универзитети и високи школи и да добијат информации за различните студиски програми кои ги нудат француските високообразовни институции, процедурите за упис, програмите за стипендии и да добијат одговори на практичните прашања во врска со студентскиот живот, рече Адеми.

Адеми истакна дека Саемот е одлична можност студентите одблизу да се запознаат со начинот на студирање во Франција, и да добијат информации кои ќе помогнат  да донесат одлука, дали студирањето ќе го продолжат во Република Македонија, или  во Франција.

-Се надевам дека ќе го одберете најдоброто за Вас и Вашата иднина, а ние како Министерство за образование и наука Ви стоиме на располагање, бидејќи како што знаете Владата на Република Македонија и Министерството доделуваат стипендии за додипломски, постдипломски и докторски студии на првите 100 универзитети во светот, според Шангајската листа, на која се наоѓаат и универзитети од земјата организатор на овој саем, рече Адеми.

Преку оваа манифестација, Македонија станува дел  од Регионалниот патувачки саем на студии во Франција кој посетува повеќе земји меѓу кои се  Бугарија, Србија, Босна и Црна Гора.