
Во саботното дерби од 18. коло на италијанската Серија А на „Олимпискиот стадион“ во Рим, домаќинот Лацио и Аталанта одиграа 1:1, па тимот од Бергамо остана на лидерската позиција.
Домашните поведоа во 27. минута, кога Фисајо Деле-Баширу со прецизен удар заврши одличен контранапад на домашните. Во вториот дел гостите тргнаа по израмнување, а Лацио се определ од противнапади да ја чека шансата за удвојување на водството. Во таквата поставеност на теренот, Аталанта го опседна домашниот гол, а стрелец на израмнувачкиот погодок во 88. минута беше Марко Брешанини, кој само четири минути претходно влезе во игра.
За двата тима ова е само втор неодлучен исход во оваа сезона во Серија А, а Аталанта со 41 бод уште еднаш изби на врвот на табелата, кој привремено го држеше Интер. Лацио остана на четвртата позиција со 35 бодови.
Претходно во саботата фудбалерите на Интер славеа со 3:0 на гостувањето кај Каљари и тогаш привремено избија на врвот на првенствената табела поради подобрата гол-разлика. Актуелните шампиони победија со головите во второто полувреме на Алесандро Бастони во 53., Лаутаро Мартинез во 71. и на Хакан Чалханоглу во 78. минута кога реализираше пенал.
Ова беше 12-та победа за Интер сезонава, па миланскиот тим се израмни со лидерот Аталанта со 40 бода. Каљари го доживеа десеттиот пораз и со 14 бодови се наоѓа на 17-та позиција, што на крајот од шампионатот значи преселба во понизок ранг.
Фудбалерите на Џенова победија со 2:1 на гостински терен на Емполи, а првиот гол за гостите го постигна поранешниот хрватски репрезентативец Милан Бадељ во 46. минута, а Калеб Екубан со гол во 68. минута ја зголеми предноста. Конечниот резултат го постави напаѓачот на Емполи, Себастиано Еспосито, кој инаку промаши пенал во 54. минута, со гол во 74. минута.
Двата клуба имаат по 19 бодови, Џенова е на 13-то место, додека Емполи е на 12-та позиција на табелата.
Парма на домашен терен ја победи Монца со 2:1. Ернани ѝ донесе водство на Парма со голот од пенал во 56. минута. Педро Переира израмни за Монца со гол во 85. минута, а Лаутаро Валенти го постигна победничкиот гол за Парма во осмата минута од судиското надополнувањена мечот.
Парма е на 14-та позиција со 18 бодови, додека Монца го зазема последното, 20. место со 10 бодови.
Колото продолжува во недела со мечевите Удинезе – Торино (12.30 часот), Наполи – Венеција (15.00 ч.), Јувентус – Фиорентина (18.00 ч.) и дербито Милан – Рома (20.45 ч.), а го затвораат во понеделник дуелите Комо – Лече (18.30 ч.) и Болоња – Верона (20.45 ч.)