Молдавскиот отцепен регион Придњестровје го прекина снабдувањето со греење и топла вода за домаќинствата на првиот ден од 2025 година, откако прекина протокот на руски гас преку Украина, соопшти локалната енергетска компанија.
Во средата, рускиот енергетски гигант Газпром објави дека повеќе не може да испорачува гас во Европа преку украинската рута поради „повтореното и јасно одбивање“ на Киев да ги продолжи релевантните договори кои истекоа на крајот на 2024 година.
Подоцна истиот ден, енергетската компанија на Придњестровје, Тирастеплоенерго, соопшти дека поради „привремениот прекин на испораката на гас до капацитетите за производство на топлина на претпријатието… греење и снабдување со топла вода на населението, јавните институции, ќе бидат скратени“.
Засега ќе се загреваат само медицинските установи кои обезбедуваат болничка нега, додаваат од компанијата.
„Нема греење и топла вода“, изјави телефонски за Ројтерс неименуван вработен во Тирастеплоенерго во Тираспол.
Во средината на декември, Придњестровје воведе вонредна економска состојба поради претстојната гасна криза. Набргу потоа, Молдавија објави вонредна состојба во енергетскиот сектор.
Придњестровје, кое се наоѓа на левиот брег на реката Днестар и чие население е повеќе од половина етнички Руси и Украинци, прогласи независност од Молдавија на почетокот на 1990-тите, кратко време по распадот на Советскиот Сојуз. Околу 1.100 руски војници моментално се стационирани во регионот како мировници со цел да го надгледуваат прекинот на огнот од 1992 година меѓу Кишињев и Тираспол.
Украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко го потврди прекинот на испораката на гас во средата, нарекувајќи го „историски настан“. Министерот тврдеше дека поради одлуката на Киев „Русија ги губи пазарите, ќе претрпи финансиски загуби. Европа веќе донесе одлука да се откаже од рускиот гас.
Украина одби да го продолжи транзитниот договор со Русија и покрај тоа што Гаспром има долгорочни договори со неколку европски купувачи.
Лидерот на една таква земја, словачкиот премиер Роберт Фицо, минатата недела се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку престане протокот на гас.