Индустриската активност во еврозоната, исто така, се намалила во декември со континуирана слаба побарувачка, објави во четвртокот S&P Global, истакнувајќи дека само Шпанија добро се справува со кризата благодарение на скромната изложеност на Кина и пониските трошоци за енергијата.
Индексот на менаџери за набавка (PMI) во индустријата во еврозоната е речиси непроменет во декември во однос на ноември и изнесува 45,1 поен, пресметан од Хамбуршката комерцијална банка (HCOB), која ги составува извештаите за S&P Global.
Вредностите пониски од 50 поени сигнализираат пад на активноста, а вредностите повисоки од 50 укажуваат на раст.
„Преработувачкиот сектор не понуди причина за славење ниту во декември. Ништо не се промени, активноста продолжува да се намалува“, заклучи главниот деловен економист на германската банка, Сирус де ла Рубија.
Побарувачката се намалила уште посилно отколку во претходните два месеца, потиснувајќи ја надежта за можно скорешно закрепнување, со само малку поблаг пад на странските нарачки, забележува HCOB.
Тоа значи дека поинтензивното слабеење на побарувачката во декември првенствено се одразило на послабата домашна економија, објаснуваат. Во такви услови компаниите ги обработувале старите нарачки со забрзано темпо, покажало истражувањето.
„Знак за закрепнување ќе биде постепеното акумулирање на залихи за репродукција, а за тоа немаше знаци во декември. Залихите повторно се многу силно намалени, а компаниите забрзано ги испразнија и залихите од готови производи, што покажува дека тие очигледно и натаму очекуваат слаба побарувачка“, нагласи Де Ла Рубија.
Обемот на производството намелне ширум еврозоната, најсилно за нешто повеќе од една година, а работодавците продолжија да отпуштаат работници, продолжувајќи го периодот на губење на работни места на нешто повеќе од една ипол година.
Шпанија била исклучок меѓу „големата четворка“ и во декември, додека Германија, Франција и Италија, трите водечки дестинации на шпанскиот извоз, повторно забележаа пад на индустриската активност.
„Предноста на Шпанија е помалата изложеност на Кина, која сочинува само 2 отсто од нејзиниот извоз, а пониските трошоци за енергија исто така помогнаа во кризата. Сепак, Шпанија сочинува само приближно 12 отсто од БДП-то на еврозоната и нема да биде може сама да ја подигне целата економија“ во зоната на примена на заедничката европска валута, нагласува економистот на HCOB.
Анкетираните деловни челници во индустријата во еврозоната се пооптимисти во своите прогнози за новата година, но нивните очекувања се сепак пригушени во однос на просекот, предупредува германската банка.