Се истражуваат мотивите за нападот на новогодишната забава во Њу Орлеанс

Инспекторите од Њу Орлеанс во четвртокот трагаат по мотивот на американскиот воен ветеран кој влета со камионет со знаме на Исламската држава во масата луѓе на новогодишната ноќ, убивајќи 15 лица и повредувајќи повеќе од 30 други.

Напаѓачот е убиен во размена на оган со полицијата, откако по влетувањето во толпата излегол од возилото и отворил оган кон припадниците на службите за одржување на редот.

Истрагата е фокусирана на тоа дали 42-годишниот Шамсуд-Дин Џабар, американски државјанин од сојузната држава Тексас, кој служел во војсата во Авганистан, имал помош при планирањето на смртоносниот напад.

Претставници на Федералното биро за истраги (FBI) рекоа дека истражуваат дали има поврзаност меѓу нападот и одвоениот инцидент во средата, во кој електричното теренско возило „Tesla Cybertruck“ експлодираше пред комплексот „Trump Hotel“во Лас Вегас, неколку седмици пред Доналд Трамп да се врати на претседателската функција на 20 јануари.

Меѓу триесетте повредени во Њу Орлеанс има и двајца полицајци ранети од огненото оружје на напаѓачот.

Меѓу жртвите на нападот во историскиот Француски кварт во Њу Орлеанс само три часа по анстапувањето на Нова година е и мајка на четиригодишно дете која штотуку се вселила во нов стан по унапредување на работата, финансиерка од Њујорк, успешен студент – спортист кој бил во посета на своето семејство за време на празниците и 18-годишна идна медицинска сестра во Мисисипи.

Настанот Sugar Bowl, традиционален универзитетски натпревар во американски фудбал, требаше да се одржи во Њу Орлеанс на првиот ден од 2025 година, но беше преместен за четврток попладнето за да може полицијата да го пребарува градот за можно подметнати експлозивни направи.

Безбедносните сили пронашле оружје и експлозивни направи во автомобилот на напаѓачот.

На 9-ти февруари Њу Орлеанс ќе биде домаќин на Super Bowl, најголемиот американски спортски настан.

Џабар на камионитетот кој го изнајмил преку апликација директно од сопственикот, закачил знаме на Исламската држава, поради што властите ја истражуваат неговата поврзаност со терористичката мрежа, објави FBI.

Јавните податоци покажуваат дека напаѓачот работел во секторот за недвижнини во Хјустон. Во промотивното видео објавено пред четири години, Џабар раскажува дека е роден и израснат во Бомонт, град на околу 130 километри источно од Хјустон.

Служел во војската од март 2007 до јануари 2015 година, а од тогаш до јули 2020 година бел припадник на резервниот состав. Од февруари 2009 година до јануари 2010 година служел во Авганистан.

Телевизијата CNN, повикувајќи се на извори запознаени со истрагата, пренесе дека осомничениот снимил видеа на кои зборува за неговата желба да се приклучи на Исламската држава и како размислувал да го убие своето семејство по разводот. Судските документи покажуваат дека Џабар се развел од сопругата, со која има дете, во 2022 година и се чини дека нема криминално досие пред нападот.