Пропаднаа преговорите меѓу двете најголеми австриски центристички партии за формирање коалициска влада без крајнодесничарската Партија на слободата, изјави во саботата доцна вечерта канцеларот Карл Нехамер, ден откако либералната партија Neos ги напушти преговорите, и ја објави својата оставка.
„Ќе се повлечам од функцијата канцелар и лидер на (конзервативната) Народна партија (ÖVP) во наредните денови и ќе овозможам уредна транзиција“, рече Нехамер во видео изјавата на X по коалициските разговори со Социјалдемократската партија на Австрија (SPÖ).
Неговата објава дојде набргу откако партијата ги прекина коалициските преговори со социјалдемократите.
„Очигледно е дека деструктивните сили во рамките на SPÖ ја презедоа предноста“, рече Нехамер, потврдувајќи го крајот на овие разговори.
Како причина се наведува неможноста за договор за клучните точки. Притисокот врз Нехамер во партијата во последно време е зголемен, пренесува австриската новинска агенција APA.
Канцеларот нагласи дека ÖVP нема да се согласи со никаква програма што е непријателски насочена кон економијата.
Во исто време, Нехамер јасно стави до знаење дека сè уште не е подготвен да ги води коалициските разговори со крајно десничарската сувеенистичка Партија на слободата на Австрија (FPÖ) предводена од Херберт Кикл, која фактички победи на изборите во септември, кога 28 отсто од Австријците гласаа за крајната десница. Во септември, ÖVP освои 26 отсто од гласовите, а SPÖ 21 отсто.
„Моето длабоко уверување е дека радикалите не нудат решение за ниту еден проблем“, рече Нехамер.
Меѓутоа, деловното крило на неговата партија и дава предност на коалицијата со FPÖ, која победи на парламентарните избори во септември, наместо со SPÖ.
Најавата на Нехамер дојде само неколку часа откако ÖVP и SPÖ почнаа разговори за формирање влада. Меѓутоа, имаше стравувања дека можеби ќе им биде тешко да постигнат договор со оглед на нивните различни идеи како да се надмине економската криза во земјата и да се реорганизира државниот буџет.
Нивните кратки разговори започнаа ден откако либералната партија Neos се повлече од неколкумесечните преговори со ÖVP и SPÖ за она што ќе беше историска трипартиска коалицска влада, но сепак со тесно мнозинство
Либералната партија Neos се повлече од преговорите во петокот, при што челничката на Neos, Беате Мајнл-Рајзингер рече дека другите партии немаат волја да ги протуркаат реформите.
ÖVP, SPÖ и NEOS преговараат за формирање коалиција од средината на ноември, со цел да ја држат надвор од власта победникот на изборите, десничарската суверенистичка Партија на слободата на Австрија (FPÖ).
И покрај победата на Партијата на слободата на Австрија, ниту една друга партија не беше подготвена да соработува со FPÖ или нејзиниот лидер Херберт Кикл.
Со оглед на тоа што Партијата на зелените од самиот почеток одби да влезе во коалиција со Народната партија и Социјалдемократите, ÖVP и SPÖ можеа да формираат влада со тесно мнозинство или ќе бидат распишани нови избори. Според анкетите на јавното мислење, FPÖ би можела да постигне уште поубедлива победа на новите избори отколку во септември.