Фудбалерите на Милан се победници на 37-то издание на италијанскиот Суперкуп што се одржа во Саудиска Арабија, откако во неделата вечерта со голем пресврт го совладаа градскиот ривал Интер со 3:2.
Во финалето одиграно на стадионот „Универзитет Крал Сауд“ во Ријад пред 24.841 гледач, Милан го победи градскиот ривал со 3:2, иако Интер водеше со 2:0.
„Нераѕурите“ поведоа во судиското надополнување на првото полувреме со голот на Лаутаро Мартинез. Тоа беше брза контра, Хенрик Мхитарјан повлече по левата страна, проигрувајќи го Мехди Тареми во средината, кој продолжи кон Лаутаро. Аргентинскиот напаѓач со финта измами двајца противнички играчи, а потоа со убав удар по земја го совлада Мајк Маињан.
Во 47. минута меѓу стрелците се запиша и Тареми по одличната асистенција на Стефан де Вриј преку половина терен. Иранскиот напаѓач изби пред противничкиот голман и мирно погоди. „Росонерите“ се вратија во мечот во 52. минута. Тео Ернандез погоди за 2:1 од слободен удар од 18 метри.
Милан можеше да израмни во 62. минута, Рафаел Леао се проби по крилната страна и со повратна топка го вработи Тијани Рајндерс кој шутираше, но неговиот удар со глава од сигурен гол го спречи Алесандро Бастони.
На десет минути пред крајот Милан целосно резултатски се врати. Ернандез нафрли во шеснаесетникот од левата страна, а Кристијан Пулишик најдобро се снајде пред двајцата противнички стопери погодувајќи го спротивниот агол од голот на Зомер.
Интер имаше шансза за победнички погодок во 89. минута, но Маињан го одбрани ударот на Думфрис. Казната дојде во третата минута од судиското надополнување. Пулишик направи одлична асистенција низ противничката одбрана и го проигра Леао кој нафрли пред голот а Тами Абрахам од два метра погоди во празна мрежа за целосен нов пресврт на Милан.
Претходно, Милан во полуфиналето го победи Јувентус со 2:1, исто така, откако беше во резултатско заостанување. Интер во полуфиналето ја совлада Аталанта со 2:0.
Со оваа победа Милан по осми пат го освои Суперкупот, а првпат во последните осум години. Рекордер и понатаму е Јувентус со титула повеќе.