Косовската полиција ја запечати Даночната управа на северот, Белград го обвини Курти

Во средата, ден по православниот Божик, косовската полиција продолжи да ги презема институциите на северот доминатно населен со Срби, а во текот на денот беше запечатен објектот на Даночната управа во Косовска Митровица, што Белград го гледа како намера на Приштина насилно да ја промени етничката структура на поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија која во 2008 година со поддршка на водечките западни земји едногласно прогласи независна Република Косово.

Порталот KoSSev објави дека на терен се инспектори за економски криминал и тројца членови на Европската судска мисија (ЕУЛЕКС). Се отстранува и последното присуство на српската држава на Косово, односно ги окупираат зградите во кои функционираа српските институции, наведува KoSSev.

Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, потврди дека утрово на повик на косовската полиција дошле инспектори за економски криминал, кои ја заземале зградата на Даночната управа, а по завршувањето на акцијата, припадници на ЕУЛЕКС извршил увид во објектот, по што косовската полиција го пломбирала влезот.

Затворањето на Даночната управа, како што пишува KoSSev, се случува „според востановената практика“: од косовската полиција соопштуваат дека имаат наводна дојава за „фалсификување документи“ и влегуваат во објектот со инспектори, на вработените им е дозволено да го земат смао личните работи, а потоа се пломбираат објектите.

На крајот на декември минатата година слично беа затворени Управата за урбанистичко планирање, Управата за урбано градежно земјиште и патишта и Управата за станбен и деловен простор во северниот дел на Косовска Митровица.

Официјален Белград акцијата на албанските власти во Приштина ја нарече „незаконско затворање“ на српската Даночна управа, оценувајќи дека тоа е „јасен показател дека (косовскиот премиер Албин) Курти не сака нормализација на односите или мирен соживот во областа на Косово и Метохија, туку насилна промена на етничката структура, особено на север и консолидирање на нивната окупација и владеење на теророт“.

Српска листа (СЛ), косовската сестринска партија на владејачката Српска напредна партија во Србија (СНС), смета дека затворањето на Даночната управа е „незаконско“ и „насилно исфрлање на 80 вработени на улица“.

Српската листа го обвинува косовскиот премиер и лидер на движењето „Самоопределување“, Албин Курти, дека „ја продолжува изборната кампања, која ја води исклучиво зад грбот на српскиот народ, бидејќи нема што да им понуди на своите гласачи“.

Парламентарните избори во Косово се закажани за 8-ми февруари, а Косовската изборна комисија прво го оспори, а потоа и дозволи учество на Српската листа. На српската заедница во Косово ѝ се гарантирани 10 мандати во косовскиот парламент.

Дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската унија со месеци е во мирување и не се очекува напредок до крајот на косовските избори и формирање на нова влада во Приштина. Дополнително, двете страни очекуваат промена на американската администрација на 20-ти јануари и враќање на Доналд Трамп во Белата куќа.

Мандатот на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак завршува на 31-ви јануари, а засега е неизвесно дали ќе му биде продолжен мандатот.

Како еден од можните наследници на Лајчак се споменуваше и поранешниот словенечки претседател Борут Пахор, но тој на почетокот на годинава објави дека не е во игра за функцијата специјален пратеник на Брисел за дијалог меѓу Белград и Приштина.