Рели Дакар: Етапни победи на Ал Раџи и Сандерс

Јазид aл Раџи од Саудиска Арабија во убедлив настап, водејќи од почеток до крај, славеше на четвртата етапа на релито Дакар за да се искачи на второто место во генералниот пласман.

Ал Раџи и неговиот совозач Тим Готшалк во Овердрајв завршија одлична работа на долгите 415 километри помеѓу Ал Хенакија и Ал Ула и славеа со четири минути и 51 секунда пред Јужноафриканецот Хенк Латеган. На првото место во вкупниот поредок остана Латеган, кој сега има шест минути и 54 секунди подобро време од денешниот победник.

Никој освен Латеган не му се приближи на десет минути на победникот Ал Раџи во средата. Аргентинецот Хуан Круз Јакопини беше трет со 10 минути и 45 секунди послабо време, додека Чехот Мартин Прокоп беше четврти со уште десет секунди послабо време.

Во вкупниот редослед Латеган и Ал Раџи се одвоија од сите, па третопласираниот Швеѓанец Матијас Екстроем заостанува цели 21 минута и 40 секунди.

По несреќата во вторникот, легендарниот Французин Себастијан Леб беше дисквалификуван од трката, со што ја имаше истата судбина како Шпанецот Карлос Саинц претходно на релито Дакар оваа година.

Во конкуренција на мотоциклисти продолжи доминацијата на Австралиецот Даниел Сандерс, кој победи и на четвртата етапа, но само со 15 секунди подобро време од Шпанецот Тош Шареина. Двајцата се борат и во генералниот пласман, но Сандерс моментално има големо водство од 13 минути и 26 секунди.

Во средата, Чилеанецот Хозе Игнасио Корнехо беше трет на етапата, со речиси осум минути заостанување, додека Рос Бранч од Боцвана сега е трет во генералниот пласман, нешто повеќе од 26 минути зад Сандерс.

Во четврток се вози петтата етапа помеѓу Ал Ула и Хаил.