Израелската армија пронашла тело на заложник во Газа

Телото на Јусеф Зијадне, израелски бедуин, киднапиран од милитантите на Хамас во крвавиот напад на 7 октомври 2023 година, е пронајдено во тунел во Појасот Газа, со докази дека можеби е убиен и неговиот син, соопшти во средата израелската војска.

Сè уште не е познато како точно е убиен Зијадне, но потполковникот Надав Шошани рече дека неговата смрт не се случила неодамна.

„Ги истражуваме околностите на неговата смрт и истражуваме и докази поврзани со неговиот син. Овие наоди предизвикуваат загриженост за неговиот живот и сѐ уште се истражуваат во овој момент“, изјавил потполковникот на новинарите.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно изјави дека се пронајдени телата на двајцата мажи.

Шошани рече дека во вторникот специјалните сили извршиле „сложена и тешка операција“ во тунел во близина на градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа и дека телото на Зијадне било пронајдено покрај телото на вооружените членови на Хамас или некоја друга палестинска милитантна група, пишува Reuters.

Двете други деца на Зијадне, тогаш 17-годишната Ајше и 18-годишниот Билал Зијадне, киднапирани во исто време, беа ослободени во размена на заложници во ноември 2023 година.

Преговорите за крајот на војната во Газа и враќањето на преостанатите заложници продолжуваат во Доха, а тоа би вклучило и враќање на некои Палестинци од затворите во Израел.