Шпанскиот државен Висок совет за спорт (CSD), тело при Министерството за спорт, во средата донесе одлука со која им дозволува на фудбалерите Дани Олмо и Пау Виктор привремено да играат за Барселона додека конечно не биде решен споротмеѓу каталонскиот клуб и Ла Лига.
„Оваа мерка е од привремен карактер (…). Со неа регистрациите остануваат во сила до конечно разрешување на овој случај“, соопштија од CSD.
Ла Лига, организаторот на шпанското фудбалско првенство, на 1 јануари ги поништи регистрациите на 27-годишниот офанзивец Олмо и 23-годишниот напаѓач Виктор, велејќи дека деловното аботење на Барселона е неодржливо според сегашните трошоци за плати. Шпанската фудбалска федерација потоа го потврди ова на 4 јануари со одбивање да издаде нови регистрации на двајцата играчи. Според правилата на здружението, ист играч не може да биде пријавен двапати за ист клуб во една сезона, освен во „случај на виша сила“.
Барселона поднесе жалба до CSD, во која наведува дека ја поседува потребната документација која го покажува зголемениот приход, врз основа на која не го нарушува т.н. „финансиски фер-плеј“, односно правилото за балансиран буџет на кој инсистира Ла Лига за клубовите да не дојдат во состојба на презадолженост и банкрот. Барселона претходно објави дека продава ВИП места на реновираниот стадион „Камп Ноу“ на странски инвеститори.
Ла Лига соопшти дека оваа документација ја добила до 1 јануари, кога истекуваше рокот за продолжување на регистрацијата на Олмо и Виктор, кои Барселона летово ги донесе од РБ Лајпциг и Жирона.
Според најновата одлука на CSD, двајцата фудбалери треба да добијат нови регистрации во четврток, што им овозможува да играат за Барселона во финалето на шпанскиот Суперкуп доколку тимот без нив вечерва го победи Атлетик Билбао во полуфиналето.
„Тоа би им наштетило и на интересите на шпанската репрезентација, како и на домашните натпревари организирани од Ла Лига“, велат од CSD за поништувањето на регистрациите.
Олмо летово со Шпанија го освои Европското првенство.