Европските берзи во пад, инвеститорите загрижени за инфлацијата

Цените на акциите паднаа на повеќето европски берзи во четвртокот во претпладневното тргување втор ден по ред, бидејќи инвеститорите се загрижени за ризикот од зголемување на инфлацијата, што ќе го забави темпото на олабавување на монетарната политика ширум светот.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претпладневнот пресек од тргувањето беше во минус од 0,2 отсто, слабеејќи втор ден по ред. Претплднево лондонскиот FTSE индекс се зголеми за 0,14 отсто, на 8.260 поени, додека франкфуртски DAX падна за 0,14 отсто, на 20.300 поени, а париски CAC за 0,28 отсто, на 7.430 поени.

Цените на акциите паднаа и на повеќето азиски берзи. Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI беше во минус од 0,2 отсто во истиот пресек како и во Европа. Индексот Nikkei на Токиската берза падна за 0,9 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг, Австралија и Шангај се лизнаа меѓу 0,1 и 0,6 отсто. Во Јужна Кореја, сепак, тие благо се зголемија.

Кинеските пазари се под притисок, бидејќи инвеститорите се загрижени за дефлаторните притисоци. И покрај низата владини мерки за стимулирање на домашната потрошувачка, најновите податоци покажуваат дека потрошувачките цени лани едвај пораснале, додека производствените цени паднале втора година по ред. Ова укажува на слабост и кај домашната и кај странската побарувачка.

Инвеститорите се исто така претпазливи, бидејќи американската централна банка ќе го забави темпото на намалување на каматните стапки оваа година. Записникот од последниот состанок на Fed беше објавен вчера, што покажува дека лидерите на централните банки се загрижени за ризикот од постојано висока инфлација. Особено што политиката на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и најавеното зголемување на царините може дополнително да ги зголемат инфлаторните притисоци.