
Зголемен е бројот на пациенти заболени од сезонски вируси, пациенти со проблеми во дишењето, но и со цревни инфекции.
– Во овој дел на годината доминираат тие сезонски вируси кои се сѐ почести и тоа е речиси секоја година. Во овој дел од годината имаме зголемен број пациенти со респираторна симптоматологија и цревни инфекции кои се третираат на нашата клиника и ја добиваат потребната нега. Секако дека работиме со полн капацитет, се обидуваме да направиме максимална тријажа и тие потешки пациенти да ги задржиме на болничко лекување – вели директорот на Детската клиника д-р Реџеп Мемети.
И Институтот за јавно здравје во својот извештај за периодот од 30 декември 2024 до 5 јануари годинава посочува дека е зголемен бројот на заболени од грип. Од вкупно 331 заболени, 101 се деца на возраст од 5 до 14 години и 42 деца на возраст од 0 до 4 години.
Вчера беше регистран првиот случај на заболен пациент со метапневмовирусот во Грција, па алармот и кај нас беше подигнат, иако како што посочуваат лекарите тоа е стар вирус, присутен во земјава од 2001 година и не треба да се очекува да биде нов Ковид-19.
Доктор Злате Мемедовиќ од Комисијата за заразни болести, вели дека нема простор за паника ниту кај нас, ниту каде било. Вирусот е стар и вообичаено циркулира во зимските месеци.
Со смирувачки тонови и директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, посочува дека вирусот е присутен но дека по однос на истиот не треба да се крева паника бидејќи истиот бил присутен и претходната сезона, односно дека истиот вирус не е нов туку веќе постоечки. Апелира на смиреност и без потреба од било какви паники. Вакцина за овој вирус не постои, а смртноста е исклучително ниска, многу пониска од таа на грипот. Симптомите се како кај грипот – секреција, кашлање, кивање, телесна температура, болки во зглобови. Метапневмовирусот најчесто се пренесува преку близок контакт.