Околу 1.000 Украинци се опколени во областа Курск, објавија руски медиуми

Околу илјада припадници на вооружените сили на Украина се опколени од руски сили во близина на населбата Суџа во областа Курск, објави рускиот канал „Тринаесет“ на Телеграм, а пренесува info24.ru.

Според нив, руските сили во моментов вршат напад врз населбата Замостје во Суџа, како и врз нафтената рафинерија, каде се наоѓа едно од клучните упоришта на украинската армија.

„Руската војска успеа да стави група украински сили во Мала Локња кај Суџа во оперативно опкружување. Бројот на непријателски војници во „казанот“ се проценува на 1.000 луѓе“, пишува „Тринаесет“.

Се додава дека руските сили се борат со украинската војска во населбите Гуево и Бондаревка, а во текот на денот руските војници успеале да ги ослободат селата Леонидово и Александрија во областа Курск.

Руските воени дописници изјавија дека се очекува украинските сили да започнат нова офанзива во наредните денови како и дека украинските војници ќе се обидат да ја дестабилизираат ситуацијата во неколку правци истовремено. Неофицијално се дознава дека пограничните области на регионите Курск, Белгород и Брјанск би можеле да бидат нападнати.