Американскиот суд го прекина договорот со наводните организатори на терористичките напади од 11-ти септември

Апелациониот суд во Вашингтон во четвртокот привремено го прекина договорот за признавање на вината меѓу наводниот организатор на терористичките напади од 11-ти септември 2001 година, како и други сообвинети, и американското Министерство за правда, на барање на администрацијата на претседателот на заминување Џо Бајден.

Судот донесе привремено запирање на постапката, со што ги стопираше сите чекори поврзани со предложената спогодба до донесување конечна одлука.

Во своето барање до апелациониот суд, Министерството за одбрана тврди дека штетата за владата и јавноста би била непоправлива доколку се прифатат изјавите за вина на Калид Шеик Мохамед и неговите двајца сообвинети, бидејќи тоа ќе ја ускрати можноста за јавно судење и можност за барање смртна казна.

Во август минатата година американскиот министер за одбрана Лојд Остин се обиде да ги повлече договорите, кои првично беа преговарани и одобрени од неговиот ресор, но воениот суд пресуди дека неговиот потег е неважечки. Како резултат на тоа, пазарењето меѓу обвинетите и судството продолжи.

Во терористичките напади од 11-ти септември 2001 година, беа вклучени четири патнички авиони кои беа киднапирани и се урнаа врз Светскиот трговски центар во Њујорк и врз зградата на Пентагон во Вашингтон, а еден се урна во Пенсилванија по наводна пресметка меѓу патниците и грабнувачите. Речиси 3.000 луѓе беа убиени.

Се верува дека Мохамед ги планирал нападите, ги координирал комуникациите и ја финансирал операцијата. Тој беше уапсен во Пакистан во 2003 година и префрлен во затворот Гвантанамо во 2006 година, каде што требаше да му суди воен суд за неговата вмешаност. Но, судењето за него и неколкумина сообвинети се одложуваше неколку години.

Заедно со неговите двајца сообвинети, Мохамед се обидува да постигне договор за признавање на вината со правосудниот систем во кој тие би се изјасниле за виновни. Точните детали од договорот сѐ уште не се објавени. Сепак, според американските медиуми, договорот би ги поштедил од смртна казна.

Минситерот Остин првично го поддржа договорот, но го повлече одобрувањето по силната реакција на јавноста.